(Фото) Пожар повторно сериозно му се заканува на езеро „Младост“
Огнот којшто се појавил над село Отовица, денеска, околу 13:40 часот се шири со голема брзина. Пожарот први го виделе сопственици на куќи позади хотел „Романтик“ коишто пријавиле во ТТПЕ Велес.
„Пожарникарите се на лице место и гаснат со вода од цистерни. Но ветрот го разнесува огнот во три правци. Еден веќе ја зафати боровата шума, веднаш над патарината “Отовица“ на автопатот Велес – Скопје. Тој крак има правец кон врвот на ридот додека двата други краци се шират на север и југ. Горат и нискостеблести растенија. Тие можат да создадат поголемо проширување на огнот“, рече Дарко Димитриевски.
Тој е еден од велешаните кои го пријавил пожарот. Неговата и проценките на сопствениците на другите куќи од оваа населба на брегот на езеро „Младост“ се дека потребна е интервенција со гаснење и од воздух.
РЦУК го има евидентирано пожарот. Директорот Стојанче Ангелов за Дума.мк рече:
„Во овој момент има два големи пожари, над село Отовица велешко и помеѓу Бучинци, Миладиновци и Групино, скопско. За кратко ќе полета Ер трактор на ДЗС и хеликоптер на МВР.“
Според последни информации на сопствениците на куќите позади хотел „Романтик“ огнот се шири кон врвот на ридот и со помош на ветерот може да префрли од другата страна.
Убавка Јаневска