Професорка од Велес учествуваше во создавање на првиот учебник по Биологија за средно стручно образование (Видео и Фото)
Професорката Руска Мицева на ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес е еден од вкупно петмината автори на првиот учебник по биологија за втора година наменет за средните стручни училишта во Македонија. Учебникот е изработен за 60 денови согласно План и Програма за работа на Министерството за образование и на Биро за развој на образование. Учебникот ќе го користат ученици од здравствената, од земјоделската, од хемиско технолошката и од струката за лични услуги. Мицева е комплетен автор на темата „Респираторен систем“ што е една од вкупно десетте теми во содржината на учебникот.
-Првично моја задача беше да го обработам делот за респираторниот систем. Потоа да ги прегледам или препрочитам и сите останати области бидејќи содржината којашто ја изучуваат учениците во втора година се органски системи кај човекот како и теми од областа Морфологија и Физиологија на растенија како и Биотехнологија и Генетски инжинеринг. Сите останати автори се од Природно математички факултет, секој стручен во своја област, коишто дадоа придонес во соодветните области. Со оглед на обемноста на препрочитувањето на материјалот затоа обработив само еден органски систем на човекот и дадов придонес во сите останати тематски области,“ рече Мицева.
Освен професорката Мицева, учебникот по Биологија за втора година стручното образование, го напишаа, илустрираа и технички го уредија уште четворица универзитетски професори. Сите се од Природно математички факултет. А меѓу нив има и втора велешанка. Тоа е професорката Билјана Миова заедно со колегишките Сузана Диневска Ќовкаровска, Соња Гаџовска Симиќ и Катерина Русевска.
Учебникот обработува вкупно 10 теми коишто професорката Мицева ги образложи.
-Првите осум теми конкретно се однесуваат на секој од човековите органски системи, задржувајќи се повеќе на физиолошкиот дел или фукција, дел регулација и анатомска градба. Притоа не се задржува премногу на анатомската градба затоа што струките за коишто е наменет оваа материја ја изучуваат во прва година. Во втора годинава тие повеќе учат за физиолошкиот дел. Последните две теми во учебникот се Морфологија и Физиологија на растенијата поточно во нив се обработува како се изградени, кој се основните делови на растенијата и која функција ја обавуваат во растителниот организам. Учебникот на крајот содржи една модерна, современа тема, поточно Биотехнологија и Генетски инжинеринг. Конкретно кои се принципите и методите на работа кои се употребуваат во генетскиот инжинеринг, корисноста и штетноста како и глобалните движења околу генетскиот инжинеринг,“ рече професорката Мицева.
Изработката на првиот учебник по Биологија за втора година за средните стручни училишта претставуваше предизвик за Мицева.
-Долги години работиме без учебници. Според старата Програма имаше некои учебници коишто во определен период ги користевме. Со воведувањето на Модуларно образование нема учебници ни за општообразовни предмети,кадешто припаѓа предметот Биологија, ниту за стручните предмети. Тоа беше единствениот предизвик, додаде професорката Мицева.
Таа има 15 годишен континуиран работен стаж во средните стручни училишта во Велес. За да им овозможи на учениците соодветен материјал, при совладување на наставните содржини, Мицева и досега подготвувала кратки содржини, лекции и планови коишто им го олеснувале учењето. Цега подготвениот учебник го има само во електронска форма на веб порталот на Министерство за образование поточно на страната „е-учебници“. Мицева се надева дека наскоро ќе го има и во печатена форма.
Исто така свој придонес во подготовката на учебникот даде и пензионираната професорка по Биологија, Рефика Селмановиќ. Таа е еден од вкупно тројцата рецензенти и е третата велешанка која учествуваше во создавањето на наставното градиво по предметот Биологија за средно стручно образование во Македонија.
Убавка Јаневска
Стефани Манева