(фото и видео) Алексовска: Колач „тирамису“ за граѓаните коишто користат здрава храна
Се почесто граѓаните слушаат совети за воведување на здрав начин на живот во кои се потенцира практикувањето на здравата исхрана. Што тоа значи? Под здрава искрана се подразбира конзумирање на здрава, разновидна и по можност што помалку обработена храна. За да ги обавуваат дневните активности и за да биде здраво, човечкото тело има потреба од 90 есенцијални хранливи материи што се неопходни за нормален раст, развој и многу други процеси. Поточно внесување на 60 минерали, 16 витамини, 12 аминокиселини и три незаситени масти.
Со конзумирање на различни видови на храна се добиваат сите потребни хранливи материи. Но покрај разновидноста на храната, важен е и начинот на приготвување на храната, количината на храната и нејзината содржина. За човек правилно да се исхранува потребно е да знае дека вкусната храна не е и здрава храна. Според голем број на истражувања се смета дека лек за многу болести, но и превентива за нив, ќе биде пред сè здрава и урамнотежена исхрана.
Водејќи се од советите на стручни лица велешанката Емилија Алексовска започна да приготвува здрава храна, прво за своето семејство, а потоа по цели 20 години и за потребите на велешани кои сакаат да го сменат начинот на исхрана. Алексовска во сопствената продавница „Шеќерче“, лоцирана, во редот на дуќани спроти Младински парк, подготвува широка лепеза на здрави производи.
Погачи, бургери но и торти како и колачи се само дел од здравите производи коишто Алексовска ги нуди на продажба.
-По четири месеци работа на „Шеќерче“ можам слободно да кажам дека има голем број на сограѓани коишто имале потреба од ваков на исхрана во Велес. Конзументи на моите подготвени здрави производи се сограѓани кои имаат здравствени проблеми но и велешани коишто започнале да внимаваат на исхрана па сакаат да се хранат здраво. Кај нас обично луѓето веруваат дека здрава храна треба да конзумираат само кога се на диета, со цел да ја намалат телесната тежина, но тоа што сакам да го напоменам е дека доколку внесуваш повеќе од потребната количина и од здравата храна постои опасност да ја зголемиш сопствената килажа. Тоа поконкретно значи дека преку здравата храна внесуваш состојки коишто се нутритивно добри за телото,како што се протеини, јаглехидрати но и шеќери, само што разликата е во тоа кои шеќери ви се потребни вам. Најчесто во исхраната практикуваме да внесуваме рафиниран бел шеќер што е неприфатливо за мене бидејќи тој е тивок убиец а во иста категорија влегувал и кафениот шеќер кој не е здрав бидејќи содржи прехрамбена боја. Здрав избор е медот, додаде Алексовска.
Таа од една страна е изненадена од бројот на сограѓани кои практикуваат вегетаријанска исхрана а од друга страна се чувствува целосно исполнета затоа што може да им помогне и на велешани кои го промениле начинот на исхрана поради болести на желудник, дијабетичари и други.
-Има голем интерес од страна на велешани, искрено сум изненадена од тоа колку вегани имаме во градот и не конзумираат ништо од животинско потекло вклучувјаќи го и медот. Една моја пријателка која е онколошки пациент вели „конечно можам да влезам во локал кадешто без да прашам што содржи производот знам дека можам да го конзумирам“, додаде Алексовска.
Најновиот здрав десерт којшто го нуди Алексовска е колачот „тирамису“ што детално го опишува во видео изјавата и вели дека е омилен помеѓу велешани.
Наредниот четврток,исто така, ќе објавиме нов производ од широката лепеза на здрава храна што оваа наша сограѓанка ја подготвува. Исто така, во наредниот период, Алексовска планира еден ден во неделата во „Шеќерче“ да се одржуваат отворени денови во кои ќе присуствува нутриционист и ќе разговара како и ќе ги советува велешани за конзумирање на здрава храна.
Стефани Манева