Д-р Ѓоргиевски: Влијае ли постуденото време врз крвниот притисок?

Објавено на 11 ноември, 2021 во 16:08

Често слушаме, од наши пријатели, како над нив влијаат надворешните временски услови и тие дури сами се карактеризираат како метеопати.

Познато е дека временските услови влијаат на психолошкото односно менталното здравје но се поставува прашањето дали и колку атмосферските промени влијаат на крвниот притисок.

Секојдневно во амбулантите доаѓаат граѓани кои примаат редовна терапија за покачен крвен пристисок, стабилни се, без големи варијации но кај нив дополнително промената на временските услови придонесува за покачување на крвниот притисок  и покрај испиените лекови.

Бројни студии, од кои една, најголема, со 40 000 испитаници, кои сезонски ја контролираа вредноста на притисокот, потврди дека во летниот период хроничните болни со покачен крвен притисок имаат намалена потреба од лекови. Затоа овие граѓани ја намалувале дозата на антихипертензивни лекови, против покачен крвен притисок, додека во зимскиот период ја зголемувале дозата.

Но како влијаат временските промени на крвниот притисок?

Имено кога се случува промена на времето со пад на температурите се создава рефлексно стегање на крвните садови што придонесува за покачување на крвниот притисок. Особено во период како досегашниот, кога имавме релативно високи температури во есен, топол септември, тогаш крвните садови беа во лесно поолабавен тонус. Потоа, со нагло доаѓање на влажен бран и пад на температурите се создаде подигнување на тонусот на мазната мускулатура во крвните садови за тие дискретно да се стегнат. Токму овие осцилации се причина за покачување на крвниот притисок. Од друга страна, врнежливото и студено време, често предизвикува депримираност и затвореност на луѓето. Таквата состојба предизвикува непријатни емоции којшто го покачуваат крвниот притисок.

Климатските промени се манифестираат врз луѓето и кога тие често патуваат од едно во друго место, во различни региони, држави или континенти, бидејќи се создава дестабилизација кај стабилизирани хипертоничари поточно граѓани со  покачен крвен притисок.  

СОВЕТ : Поради докажано влијание на надворешните временски услови врз крвниот притисок  хронично болните пациенти  штом ги забележат првите покачени вредности и покрај испиента терапија да  се обратат до својот матичен лекар за сезонаска дорегулација на терапијата.

Д-р Атанас Ѓоргиевски специјалист кардиолог

моб.тел.број 070 324 903

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.