Вакцинацијата е имунизација и штити од тешка форма на болеста
Секојдневно има нови докази дека вакцинираните лица стекнуваат силен имунитет и дека далеку помалку вакцинирани лица се заразуваат. А, што е најважно, доколку се заразат лицата со претходно примени две дози на вакцина, тие имаат далеку полесни симптоми. Впрочем и последните епидемиолошки анализи на Министерството за здравство објавени на 3-ти септември покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид во земјава имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто авторот тврди дека вакцинацијата не е имунизација. Повикувајќи се на изјава потполно извадена од контекст, шири дезинформации против вакцинацијата од коронавирусот.
Во постот се вели:
Документирани факти- Масовна Вакцинација
МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА НЕ Е спасот од вирусот, НЕ Е ИМУНИЗАЦИЈА, ниту пак ке ве вратит во нормалата. Ве лажат ако ви кажат спротивно.
Дирекно од директорот на Модерна вакцината:
“Очекувам нови сојој-вариации на Ковид следните месеци. Овај вирус НЕ ОДИ НИКАДЕ“.
Наспроти тврдењето на авторот на постот, докажано е дека вакцинацијата е имунизација. Секојдневно има нови докази дека вакцинираните лица стекнуваат силен имунитет и дека далеку помалку вакцинирани лица се заразуваат. А, што е најважно и оние со претходно примени две дози на вакцина, доколку се заразат, имаат далеку полесни симптоми.
Студиите покажуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни во спречувањето да не се заразите со коронавирусот. Експертите, исто така, сметаат дека примањето на вакцината може да помогне да не се разболите сериозно, дури и ако се инфицирате со ковид-19.
Не е точно дека масовната вакцинација не е спасот. Токму спротивното, вакцинацијата против ковид-19 ќе ни помогне да се вратиме во нормала. Вакцините го учат нашиот имунолошки систем како да го препознае и да се бори против вирусот што предизвикува ковид-19.
Впрочем и последните епидемиолошки анализи на Министерството за здравство објавени на 3 ти септември покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид во земјава имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.
Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази, кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме повторно слободно да живееме, без ограничувања и без рестрикции, повикуваат од Министерството за здравство.
Според Центарот за контрола и превенција од заразни болести болести, невакцинираните луѓе остануваат најголема грижа! Тие што примиле две дози, а се заразиле со ковид-19, односно случаите каде што има пробивање на имунитетот, се многу поретки отколку инфекциите кај невакцинираните.
Најголемиот ризик за трансмисија е меѓу НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ЛУЃЕ, кои е поверојатно да дојдат во контакт и да го пренесат вирусот. Целосно вакцинираните заразени со делта варијантата може да го пренесат вирусот на другите. Сепак, вакцинираните луѓе се инфективни пократок временски период. Што значи дека тие со 2 дози вакцина, се инфективни пократко време отколку невакцинираните, информираат од Центарот за контрола и превенција на болести.
Во однос на оваа изјава споделена во постот: „Очекувам нови сојој-вариации на Ковид следните месеци. Овој вирус НЕ ОДИ НИКАДЕ“, пренесена во медиумите уште во мај годинава, дадена од страна на директорот на „Модерна“, со неа се согласуваат голем број експерти, епидемиолози, научници. Впрочем и министерот Филипче во јули годинава на прес-конференција кажа:
Очигледно е дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот. Многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот сој на овој вирус, изјави министерот за здравство Венко Филипче. (31 јули 2021)
И токму затоа е потребна сè помасовна имунизација од страна на граѓаните, бидејќи колку повеќе вирусот се шири, толку поголеми се шансите за нова мутација. А, факт е дека вирусот најлесно и најбрзо се шири меѓу невакцинираните.
Во однос на последниот пасус од постот:
Со други зборој: Масовната вакцинација ќе бидит редовна пракса. Мининално еднаш, а можно е два пати годишно, ЗА СИТЕ. И за малите деца !
Исто така, мерките против короната ќе останат како и до сега. Маски, рестрикции, карантин,полициски час.Тогаш зошто вакцинација кога не е ИМУНИЗАЦИЈА.
Засега не се знае дали и колку вакцини ќе требаат во иднина. Тоа, во моментот, никој не го знае. Во некои земји (Израел) беше воведена трета доза, но СЗО побара да се запре.
Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, повика да се запре со давањето на трета доза од вакцината против коронавирусот барем до крајот на септември, поради зајакнување на глобалната еднаквост и да се овозможи да се вакцинира барем 10 отсто од населението во секоја земја.
Така што, враќањето во „нормала” ќе се случи, затоа што кога-тогаш ќе стекнеме имунитет во светски рамки, како што е, впрочем, случај и за сите други болести низ историјата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар