Ансамбл Керамичар утре вечер со годишен концерт – „Трагите на традицијата во нас“

Објавено: 3 октомври, 2025, во 15:55 часот

По повод 71 година од своето постоење Ансамбл Керамичар од Велес утре вечер ќе одржи целовечерен концерт под наслов „Трагите на традицијата во нас“. Настанот ќе се одржи во Амфитеатарот на Младински парк, со почеток во 18:00 часот и претставува вистинска културна прослава на народното богатство, традицијата и фолклорот.

На концертот ќе настапат сите активни членови на ансамблот, поделени по возрасни групи, како и гостинските ансамбли КУД „Славко Манојловиќ“ од Србија и Фолклорниот ансамбл „Дупница“ од Бугарија. Присутните ќе имаат можност да уживаат во внимателно подготвена програма која го отсликува богатството на македонскиот и балканскиот фолклор преку игри, носии, песни и ора.

Концертната програма ќе започне со настап на третата група на ансамблот „Керамичар“ со изведби на „Буфчанско оро“ и „Егејско оро“ од страна на најмалите членови, по што ќе следи претставувањето на гостите од Србија со кореографијата „Проѓи Миле кроз наш крај“. Повторно на сцената ќе се појави третата група на Керамичар, овој пат со изведба на кореографијата „Сред село“. Публиката потоа ќе ужива во енергичната „Пазарџиска копаница“ во изведба на фолклорниот ансамбл од Бугарија, по што следи настапот на втората фолклорна група на Керамичар со кореографиите „Тропнало оро“ и „Поречки игри“. Гостите од Србија ќе се претстават и со кореографијата „Игри од Студеница“, а веднаш по нив ќе настапат и бугарските фолклористи со „Бера“. Целовечерниот концерт ќе биде заокружен со изведба на кореографијата „Жетварка“ од страна на првата фолклорна група на Ансамбл Керамичар.

Со концертот „Трагите на традицијата во нас“ ансамблот уште еднаш го потврдува своето значајно место на културната сцена, посветено на негувањето и промовирањето на македонската и балканската народна традиција.

Настанот е отворен за јавноста, а влезот е слободен. Сите љубители на фолклорот се поканети да бидат дел од оваа вечер исполнета со музика, игра и традиција.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.