Бошевска: Нашата библиотека се круниса со признание за „Библиотека на годината 2024“, ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам

Велешката библиотека „Гоце Делчев“ е добитник на признанието „Библиотека на годината“ за 2024 година во категорија на јавни библиотеки кои секоја година го доделува Библиотекарското здружение на Македонија. Тимот на библиотеката подготвил обемна документација со активности и резултати од целата 2024 година и одлучиле да аплицираат за ова високо признание за кое потајно се надевале дека ќе го добијат.
Директорката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Снежана Бошевска, во изјава за Дума.мк откри дека целокупниот тип вложил многу труд во текот на 2024 година и среќни се што нивната работа е препознаена.
-Искрено многу сме среќни за ова признание, секако за мене како раководител во третата година од мандатот, ова е особено значајно признание и дополнителна мотивација. Ние како библиотека навистина реализиравме голем број на значајни активности преку кои го збогативме книжевниот фонд со голем број на нови наслови од кои дел набавени а дел и подарени книги. Посебно ги издвојуваме и трите меѓународни донации од Амбасадата на Руската Федерација од каде имаме руско творешство, потоа од Амбасадата на Полска од каде имаме книги на македонски јазик напишани од полски автори и Германската Амбасада од каде добивме литература на германски јазик. Покрај тоа, во медијатеката на библиотеката беше организирана промоција на книга од норвешки автор, што претставува значаен чекор во отворањето кон европската книжевна сцена и меѓународна културна размена, објасни Бошевска.
Библиотеката денес брои околу 3.000 активни членови – деца, млади и возрасни, кои редовно ја користат нејзината содржина и учествуваат во нејзините активности. Со само осум вработени оваа институција успева да остане динамичен и ангажиран културен центар.
Свеченото доделување на признанието ќе се одржи во хотел „Глориус“, за време на официјалното отворање на петтата по ред Меѓународна конференција на библиотекари. Директорката на велешката библиотека е посебно горда што оваа конференција годинава се одржува токму во Велес, кој три дена ќе биде домаќин на библиотекари од земјава и од странство.
Стефани Манева
