„Цвеќе на радоста“ – трета фотографска изложба на Атанас Крлевски
Објавено: 27 ноември, 2025, во 15:04 часот
Во рамки на денешната промоција на стихозбирката „Стиховна градина“ во Пензионерскиот дом во Велес, беше отворена и третата изложба на велешанецот Атанас Крлевски, насловена „Цвеќе на радоста“. Изложбата е посветена на убавината на цвеќињата, доловена преку внимателниот поглед и објективот на Крлевски.

Изложбата ја отвори Елица Николова, која истакна дека ова е третата изложба на Крлевски и дека таа претставува уште еден доказ за неговиот широк спектар на таленти.

-Атанас е најпознат по неговите афоризми, сатирични текстови и проза, но и во фотографијата покажува исклучителна вештина. Оваа изложба е мала, но многу значајна. Цветовите во нашите градини можат да увенат, но вака, кога ги гледаме на ѕид, тие вечно остануваат, рече Николова.

Крлевски истакна дека за него е голема чест што изложбата се одржува во ист ден со промоцијата на стихозбирката на младите велешки поети, бидејќи, како што рече, фотографиите и поезијата се тесно поврзани и носат порака на надеж.
Стефани Манева
