Фестивалот на џез, World и Современа музика прераснува во интернационален, една фестивалска вечер посветена на Рацин
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2023/08/Untitled-design-2.png)
Втора година по ред се организира фестивалот на Jazz, World и Современа музика во Велес. На денешната пред – конференција одржана во Општина Велес, организаторите на фестивалот, „АРТ ГЕНЕРАТОР” споделија дека им претставува особена чест и радост, што оваа година, втора по ред, фестивалот прераснува во интернационален. Според нив, програмата е многу побогата и публиката ќе може да ужива во концертите на групите од Хрватска, Грција, со гости од Германија, Австралија и се разбира Македонија.
-Првата вечер на први септември, е предвидена за Jazz музика и ќе настапуваат “Reel Problems” од Хрватска на големата сцена во театар Ј.Х.К Џинот – Велес, со почеток во 20:00 часот. По завршувањето на концертот, на паркингот на театар Џинот – Велес ќе настапи Бојан Чакра со DJ Vinyl set кој ќе биде пропратен со видео мапинг на Борче Конзулов. Втората вечер, на втори септември, ќе биде посветена на современата музика и ќе настапуваат „КЕМ” и „Пијан Славеј” на големата сцена во театар Ј.Х.К Џинот – Велес, со почеток во 20:00 часот. По завршувањето на концертите, на паркингот на театар Ј.Х.К Џинот – Велес ќе настапи Андреја Салпе со DJ set, кој ќе биде пропратен со видео мапинг на Борче Конзулов, рече Славчо Коцев, организатор на фестивалот.
Третата фестивалска вечер, на трети септември, ќе биде посветена на 80 годишнината од смртта на великанот Коста Солев Рацин. Организаторите потенцираа дека концертот на Dine Doneff, на третата вечер е направен специјално за фестивалот.
-Концерт ќе има Dine Doneff: „Dine Doneff Nered music Trilogie” од Грција во три етапи. Првиот дел ќе се одржи во спомен Костурницата во Велес, со почеток 18:00 часот. Следните две етапи се на големата сцена во театар Ј.Х.К Џинот – Велес, со почеток во 20:00 часот. Тој претходната година како гостин беше воодушевен од нашиот фестивал и годинава неговиот концерт е направен специјално за второто издание на фестивалот. По завршувањето на концертот, на паркингот на театар Џинот – Велес ќе настапат: “Aspirin Moon” музичко дуо со слем поетри, кои ќе бидат пропратени со визуелен перформанс на театар “Сенки и Облаци”. Четвртата вечер, на шести септември, е резервирана за отворање на изложба на Фотини Потамиа и концерт на Бојан Петков – Шамба во Europe House Велес. Додека затворањето на фестивалот, на 13 септември, ќе биде со изложбата и концерт на Dine Doneff и Јордан Костов во Europe House Велес, додаде Сашко Костов, организатор на фестивалот.
Фаик Мефаилоски, којшто е дел од организаторите, ги замолува граѓаните коишто ќе бидат на фестивалот да не доаѓаат со возила, или пак, возилата да ги паркираат на останатите паркинзи бидејќи паркинг просторот во театарот ќе биде зафатен со дел од програмата.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, рече дека општината годинава, фестивалот финансиски го помогнала со 400.000 денари, со цел во текот на наредните годините бројката да се зголемува.
-Овој фестивал претходната година помина во најдобро светло и се надевам дека годинава ќе поминеме уште поубаво. Фестивалот ќе биде на неколку локации и ги поканувам сите граѓани на Велес но и граѓаните на Македонија да дојдат, масовно да го посетат фестивалот и да уживаат, додаде Колев.
Билетите за фестивалот, од денеска се пуштени во продажба на билетарата театарот Ј.Х.К „Џинот“ во Велес, којашто работи од 10 до 14 часот и од 18 до 20 часот. Исто така, карти може да се купат и во градска пивница Pub и Tarantino Pub во Велес како и Глуво Куче во Скопје. Цената на билет за еден концерт изнесува 200 денари но има опција и за купување на блок карти за трите вечери по цена од 450 денари.
Концертите коишто ќе се одржат на Спомен Костурница и во Europe House Велес се бесплатни за сите граѓани.
Стефани Манева
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)