(Фото и видео) Театарскиот хроничар Данчо Стефков со прва,електронска изложба „Мемоар“ во Велес
На петтата фестивалска вечер од дваесетото јубилејно издание на ИФАД „Стоби“ се одржа изложбата „Мемоар“ на велешанецот Данчо Стефков. Тоа е дигитална изложба со која Стефков одбележа 30 години работа во и со театарот. На свеченото отворање во фоајето на велешки Театар,Сашо Димоски директор на велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ рече дека изложбата обединува дел од историјата на фестивалот но и индиректно поврзани сеќавања кои се значајни за колективната меморија или за помнење на традицијата.
„Мемоарите се одредени типови на лични записи кои во одреден миг ја минуваат границата на личното и стануваат општи односно стануваат дел од колективните сеќавања. Овој „Мемоар“ е едно интимно, лично, сеќавање кое станува дел од начинот на кој лично или колективно ги помниме нештата, го помниме светот. Изложбата на Данчо Стефков обединува еден значаен дел на историјата на овој фестивал но од друга страна не потсетува и на тоа што се треба да се случи за еден фестивал да опстои, да постои,“ додаде Димоски.
Сеќавајќи се на почетоците на Фестивалот на античка драма „Стоби“ , авторот на електронската изложба Стефков се присети дека почетоците се поврзани со првата претстава „Електра“, во 1992 година кога велешки Театар за прв пат подготви театарска претстава на антички текст,којашто ја прикажа во Амфитеатар во Античкиот локалитет „Стоби“.
Велешкиот хроничар на театарската уметност Данчо Стефков во изминатите 30 години вкупно учествувал во подготовката и реализацијата на преку 230 претстави. 80 од нив се дел од неговата прва, дигитална изложба „Мемоар“ и сите се работени за ИФАД „Стоби“.
Убавка Јаневска
Фото галерија