(фото) Прикажан краткометражниот филм „Моите, твоите и нашите улици“ и спроведена одлична дебата со младите велешани

Краткометражниот филм „Моите, твоите и нашите улици“ на UNDP MK, вчеравечер беше прикажан пред младите велешани во Europe House во Велес. Филмот во коишто дваесетина млади од нашиот град но и од градовите Битола и Струга говорат за различностите коишто ги воочуваат во средината во којашто живеат доби одлични позитивни коментари од присутните ученици.

На самиот почеток околу 25 ученици, активисти во Младински центар Велес и во Фондација „Фокус“, го проследија филмот којшто траеше 25 минути и внимателно ги слушаа ставовите и изјавите на своите врсници. Во филмот младите даваат одовори на повеќе прашања, поточно како го гледаат општеството? Како ги доживуваат различностите? Што забележуваат кога се движат низ градските улици и со кого ги делат?.

По завршувањето на филмската проекција следеше дебата во која беа вклучени сите присутни. Младите, четириесетина минути дебатираа заедно со модераторот на настанот, Стефани Манева, и споделија дека тие не прават разлика меѓу себе и своите врсници кога станува збор за етничка припадност. Тие потенцираа дека постои социјална разлика помеѓу младите, но сепак стереотипите од претходните генерации не ги прифаќаат толку лесно и имаат желба да ги променат.

Истовремено, тие разговараа за нивните секојдневни искуства и начинот за подобрување на меѓусебното разбирање, прифаќањето на различностите и соживотот. Младите за време на дебатата докажаа дека се предводници на промени и нови идеи.
На самиот крај, на забава со DJ Flexify младите се забавуваа и дружеа меѓусебе.

UNDP MK го продуцираше филмот како дел од регионалниот проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од United Nations Peacebuilding, спроведуван во партнерство со UN_MK и United Nepal Foundation.
Стефани Манева
