Издумани Крлевизми: „Ако вашиот углед е скапоцен, тогаш не мислите дека туѓиот е за распродажба“

Објавено: 3 октомври, 2025, во 19:03 часот

Дваесет нови Издумани Крлевизми од велешкиот афористичар Атанас Крлевски за читателите на Дума.мк.

-Ако вашиот углед е скапоцен, тогаш не мислите дека туѓиот е за распродажба.

-Му го урнаа угледот. Бил дива градба.

-Не оставам впечаток, но оставам печат.

-За никаде е! Сосема доволно да го користат за секаде.

-Си го отсвирив своето, па сите си играат со мене.

-Конечно нешто направи… будала од себе.

-Ќе се спуштам на нивно ниво за да можам да им ја удрам клоцата.

-Еден е најмалку двајца, а ние од двајца правиме ниеден.

-Кога видоа дека сум добро поткован, упорни се да ме насамарат.

-Го дискредитираа за да не го акредитираат.

-Наша специјалност: добро поткованите да ги правиме магариња.

-Јас сум загубен случај, а не ме примаат и во Бирото за загубени работи.

-Имам свои ставови. Најчесто, ползам!

-Не дозволувам да ме вреднуваат невредни. Алергичен сум на лажни авторитети.

-Нема нумизматичка вредност. Тој е само паричка за поткусурување.

-На рајската птица не и доликува да заврши во пеколот.

-Сакам да ги откупам сите погрешни слики за мене. Никој не ги продава.

-Во некои средини лесно е да станеш некој и нешто. Посебно ако не те бива за ништо.

-Секаде служам за пример. Негативен!

-Не валкајте си го името! На надгобната плоча ќе ви пишува: Безимен.

Афористичар Атанас Крлевски

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.