Издумани Крлевизми: „Тој што е сит од сѐ, можеби е гладен?„

Објавено на 10 октомври, 2025 во 10:44

Дваесет нови издумани Крлевизми за читателите на Дума.мк од велешкиот афористичар Атанас Крлевски. Денешните афоризми се на тема „храна“ во пресрет на годинешната „Питијадата 2025“. Добар апетит во овој празничен викенд !

-Откако ќе се најадам, од се ми е доста.

-Десетка со кромид. Петка!

-На келнерите не стигнувам да им дадам бакшиш. Побрзи се од мене.

-На желудникот му пречи и празна и полна маса. На човекот само празна.

-Направивме ајвар на плејбек. Јас молчев и мешав, а жена ми уста не затвори, фалејќи ме на соседите.

-Откако научив да готвам, мој омилен рецепт е: сарма за двајца, за седум дена седмично.

-Тој што е сит од сѐ, можеби е гладен?

-Во кујната сум виртуоз. За да не мијам чинии јадам од тенџере.

-Раат сме откако купивме експрес – лонец. Сосетката не го крева капакот за да види што готвиме.

-Вчера леќа, ама денес грав. Разновидноста развеселува.

-Заменувам божиќен ручек за бадникова вечера. Шифра: холестерол.

-„Јадам“ – значи постојам!“ – рече еден голем мислител.

-Дека сме музикални потврдува и нашиот национален специјалитет.

-Жена ми преферира неготвена храна. Јас сум слаб готвач.

-Жив ќе се изедам! Ми прегоре грејачот на рерната.

-Гладни сме. Некаде мора лебот да се фрла.

-Кој рано рани и носи на жена му кафе во постела.

-Некои имаат од пиле млеко, а други пилешки копани.

-Јаде риби уловени од друг. Жал му е да ги лови.

-Жените, грешките во кујната ги исправаат со фил, а мажите со нов сервис за ручање.

Афорисричар Атанас Крлевски

Дума.мк

    Сподели:

    Напиши коментар

    Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.