Кавадарчанката Весна Мартинова на само 15 години ќе ја промовира својата прва книга
Објавено: 14 август, 2025, во 13:23 часот
Кога зборовите се силни, годините не се пречка. Само 15 години има Весна Мартинова од Кавадарци, а нејзината прва книга „Трошка надеж“ веќе ги освојува срцата на читателите. Овој понеделник, на 18 август 2025, со почеток од 19 часот, Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ ќе биде домаќин на промоцијата на ова топло и длабоко дело.
“Трошка надеж“ е трогателна приказна за загуба, пријателство и храброст да се продолжи напред. Преку патувањето на Андреа ќе откриете како љубовта, танцот и вербата во себе можат да ја победат болката. Потсетник дека светлината секогаш постои – дури и во најтемните мигови.
Весна со оваа книга покажува дека нејзиниот глас заслужува место на книжевната сцена, дури и на толку млада возраст. Нејзиниот стил е искрен, нежен, но силен – со пораки што резонираат длабоко.
Настанот е дел од програмата Кавадаречко културно лето 2025 и се организира од Домот на културата „Иван Мазов – Климе“. Настанот е отворен за јавноста, а сите љубители на литературата, уметноста и добрата приказна се добредојдени.
Стефани Манева


