Коцевски: „Не собра по 58 пат, тоа го може само грандиозно поетско име како Рацин, чие дело е со не надминливи вредности“
Во пандемиско време – невреме, кога сеуште некој ни го оспоруваат името, други јазикот, трети идентитетот и црквата како и во годината кога го славиме големиот љубилеј 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески ги поврзуваме двајцата великани Рацин и Конески како најзначајни личности во македонската литература и култура во 20 век, рече Градоначалникот на Велес Аце Коцевски на свеченото отворање на 58 Рацинови средби.
-Ако Рацин е основоположник на современата македонска литература, Конески ги постави основите на македонскиот стандарден јазик. „Името на Рацин е кратенка за сите нас“, едноставна и куса но толку мудра, уверлива и силна мисла на Конески за Рацин. Слично и мислата дека тешко ние можеме да најдеме во нашата културна историја друга толку монолитна личност како Рацина што по еден творечки начин гради мостови меѓу минатото и иднината и што знае на здрави основи да создава културна традиција. Рацин со својот живот и дело останува непресушен извор на инспирација, восхит и почит. Неговите песни и дела ќе бидат вечен сведок за слава на прогресивниот, бунтовен и немирен дух, за елегичниот, лиричен и социјален поет, за задоцнетиот романтичар, за мајсторот на љубовната поезија, за филозофот кој пишувал за Хегел, за авторот што пишувал за богомилството, за револуционерот и борецот за национална и социјална слобода, за подобра иднина на сите, затворан во зандани и третиран како божество од македонските студентите во Белград и понекогаш не разбран од своите и затоа бојкотиран, додаде Коцевски.
Свеченото отворање на културно поетската манифестација и годинава се одржа на големата сцена во велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов“ каде Беседа за Рацин одржа проф. д-р Атанас Вангелов.
-Во творештвата на Конески и на Рацин, јас гласот на Рацин го слушам како се слеа со гласот на Конески, како и со гласот на поетот Коле Неделковски, кои опеваат исто како и денеска за оние што копнеат по правда и достоен живот како на рациновиот работник што работи со рака и мисли со глава, додаде Вангелов.
Свеченото отворање на културно поетската манифестација продолжи со традиционалниот поетски митинг што годинава обедини 15 поети на интернационална платформа.
Со свои песни пред присутните во салата на театарот се претставија Искра Пенева, Глигор Стојковски Наталија Неделкова, Владимир Мартиновски, Делвина Крлуку, Игор Крајчев, Зденка Валентиќ Белиќ, Ѓоко Здравески, Лучила Трапацо, Татјана Вујовиќ Костиќ, Михајло Свидерски, Лејјла Шериф, Роза Бојанова и Стефан Марковски.
Свеченото отворање на 58-те Рацинови средби беше збогатено со изведби на повеќе песни во рамки на вокално инструменталниот концерт на македонските музички амбасадори, Ансамблот за народни песни и игри „Танец“.
Убавка Јаневска