Нови 20 „Издумани Крлевизми“ кои почнуваат со зборот „Ако“!
Објавено на 3 август, 2024 во 15:40
Афористичарот Атанас Крлевски напиша 20 „Издумани Крлевизми“ наменети за читателите на Дума.мк. Прочитајте ги, поучни се:
- Ако врапчето е на гранка, значи дека гулабот е в рака.
- Ако друг ти ја крои капата, ќе немаш пари за шиење.
- Ако ѓаволот доаѓа по своето, не значи дека е поштен.
- Ако животот е школа, учете со разбирање!
- Ако иднината е во вашите раце, нека не ви се зафатени за сегашноста!
- Ако ја мразиш здодевноста, сигурно ja сакаш работата!
- Ако можат едни никави да се глупираат, можам и јас!
- Ако не кажеше што мисли, ќе мислевме дека мисли.
- Ако не разбираш јазик постои транслатор. Ако не го разбираш човека, нема помагало.
- Ако се наметнувате во секоја ситуација, ќе ве остават без ситуации.
- Ако секој ден ви е Велигден, ви се измешале лончињата.
- Ако си залутал, опасно е да стигнеш далеку.
- Ако си обичен човек, заслугата е само твоја.
- Ако си повлечен во себе, сите ќе те видат.
- Ако си приказна за себе, сите ќе те прочитаат.
- Ако смеата е лек, треба да се зема цел ден. Може и ноќе!
- Ако совеста дење спие, ноќе има кошмарни сонови.
- Ако тапкате во место, ќе ве прегази времето.
- Ако те сметаат за паметен, знаеш кога да се правиш будала.
- Ако ти ветиле – помниш! Ако си ветил – забораваш!
Дума.мк