Отворање на изложбата „Матијас (беш)е тука“на уметниците Анчевски и Трпеска во Ликовен салон Велес

„Матијас (беш)е тука“ е изложба којашто на своевиден начин документира дел од животот на Матијас Александар Божинов, трагично починат во времето на своите академски години. Насловот има своја посебна драж на несвесно смислена приказна. Со своерачно испишан графит, на фасадна цигла, Матијас создал надреална синтагма и совршена хроника на неговиот живот – денес раскажувана во заедничкиот проект на уметниците Стефан Анчевски и Марија Трпеска.
Двајцата автори низ серија фотографии го рефлектираат интимното доживување на времето и местата на битисување со нивниот драг пријател и колега. Донесуваат аспекти од нивните животи во една кохезивна целина, одухотворена со последното дело на Матијас што претставува скулптура направена непосредно пред неговата смрт. Притоа, во тој динамичен мизансцен, скулптурата симболично ја третира токму таа „невидлива“ и сè уште нераскинлива врска помеѓу Матијас и неговите пријатели, кои впрочем биле сведоци на создавањето на неговото последно дело. Оттаму се согледува во изразитата функционалност на овај проект. Никако како контрапункција на онаа вообичаена и со која секое уметничко дело за каков било мотив се маркира како естетски акт. Средбата со овие фотографии упатува кон единство во кое рефлексивното се преплетува со емотивното, кон моралната и социјалната смисла на креативниот чин.
Оставајќи белег за едно време и физички доказ за зачувување од заборав, авторите субјективно, со пасторалноста на своето дело, ја изразуваат вечноста на човековото постоење како објективен мотив на реалноста. Ова е изложба за Матијас, ова е изложба на Матијас…Матијас е тука..
Отворањето на изложбата е закажано за вечерва, во 19:00 часот, во Ликовен салон Велес.
Дума.мк
