Промовирана стихозбирката „Бесконечно: Анатомија на страста“ од велешанката Десанка Николова
Седмата збирка поезија насловена како „Бесконечно: Анатомија на страста“ од велешанката Десанка Николова, вчера, беше промовирана пред многубројна публика во медијатеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“. Оваа стихозбирка е составена од три циклуси, првиот насловен како бесконечни кругови, вториот како анатомија на страста и третиот како заветни аманети. Промоторот на стихозбирката, професорка Анита Станинова Мирчева, рече дека Десанка е личност којашто пишува секундарно, во еден здив, спонтано, енергично и стилски.
-Во првиот циклус наречен бесконечни кругови или како што јас и Деси милуваме да кажеме мислопис, ќе ве допрат многу пораки и многу мисли. Преку оваа рефлексивна реплирика Деси создава стихови во коишто ги раскажува сопствените размислувања за болката, смислата на животот, судбината, вербата. Во вториот циклус насловен како анатомија на страста или љубопис, Десанка ја отвора својата душа пред сите нас претставувајќи прекрасна интимна лирика. Изразувајќи ги личните, внатрешните, интимните доживувања, глаголејќи за љубовта, осаменоста, разочараноста од минливоста на животот, младоста. Нејзиниот љубопис исполнет со прекрасна љубовна лирика ги искажува мислите и доживувањата за неостварената, недостижната, платонската, еротската љубов. Третиот циклус насловен како заветни аманети или како што милуваме да си го кажеме вечнопис е воглавно патриотска лирика каде преовладуваат песните за нашата мила, единствена мајка Македонија. Љубовта кон Македонија, вечната недореченост, љубовта кон својот народ, кон минатото Десанка го претставува со една мисла „Ако за Македонија не се даде се, тогаш е дадено премалку“, додаде Станинова Мирчева.
Поетесата Николова рече дека во оваа книга 90% од песните се наградени на сите литературни конкурси како и меѓународни и домашни фестивали. Датумот на промоцијата на книгата 21 декември е ден што се наоѓа помеѓу родендени на две најголеми имиња во македонската книжевност, поточно Блаже Конески и Кочо Рацин.
-Блаже Конески и Кочо Рацин како имиња, како пар, како бардови на современата македонска книжевност, како основоположници во нивните поетски тестаменти, како генерација многу не задолжија а тоа е да пишува и да твориме на наш мајчин македонски најубав јазик. Пишувајќи оставаме траги коишто се запишани во времето, додаде Николова.
Стиховите за доживувањето на трите циклуци, поточно мислопис, љубопис и вечнопис беа пренесени до публиката од страна на учениците од младинско драмско поетско студио „Премиера“ придружени од професор Илија Настовски со тивка музика во позадина.
Стефани Манева