Романот „Теорија за кучешка година“ на писателот Стефановски добитник на „Рациново признание 2021“

За романот „Теорија за кучешка година“,во издание на Матица од Скопје, писателот Милован Стефановски е добитник на наградата Рациново признание за 2021 година. Одлуката ја донесе годинешното жири во состав Христо Петрески, претседател и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку. За оваа престижна награда, годинава, пристигнаа рекордни 27 прозни дела на 26 македонски автори.
-Јас не се сеќавам во иторијата на Рациновите средби досега да имало поголем интерес и да имало волку голем број на дела којшто изведувачите одлучиле да ги пријават на овој конкурс, тоа е многу добра работа што нас треба да не радува. Тоа е многу важно и за добитникот на Рациновото признание, бидејќи во ваква голема и сериозна конкуренција стана добитник на престижната награда за 2021 година, рече Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Според писателот Христо Петрески, воопшто не било лено да се донесе конечната одлука,поради квалитетот на пристигнатите прозни дела.
-Од пристигнатите дела на конкурсот прво беа избрани девет, во потесен круг, од кои жири комисијата едногласно одлучи престижната награда да му се додели на Милован Стефановски. Новиот роман „Теорија за кучешка година“ е шести по ред роман на авторот во кој се определува за исповедна наративна стратегија. Романот е компониран според драмски урнек и поседува проложен, исповеден и завршен дел. Во овој невообичаен по многу нешта роман е сместен еден човечки живот преку врамување на спомените од заедничките и личните судбински нешта. Во својот најнов краток роман писателот Милован Стефановски одбира преку своевидно монолошко обраќање на син кон татко на индиректен начин на читателот да му ја пренесе целата приказна без притоа да се приведе ниту едно лично име, ниту конкретна локација или топоним, ниту пак временска одредница за тоа кога се случува дејството, додаде претседателот на жири комисијата Петрески.

Заблагодарувајќи се за добиената награда, годинешниот лауреат Милован Стефановски, меѓу другото искрено соопшти дека лично за него Рациновото признание има голема вредност особено што го носи името на великанот кој за припадниците на неговата генерација, педесеттите години на минатиот век, претставува книжевна икона.
– Коста Апостолов Солев Рацин е еден вид книжевна икона којашто искрено и со голема почит ја примавме особено вљубениците во пишаниот збор. Јас по двата родитела потекнувам од Кичево, а во околината на Кичево е и Лопушник. Овој податок на некој начин влијаеше за некој посебен мој однос кон Кочо Раци. Во мојата прва книжевна објава, во 1978 година, поетската книга „Ѕид пред бескрајот“ со којашто дебитирав во македонската книжевност поместена е и една песна со наслов „Лопушник“ што е посветена на Кочо Рацин. Спомнувајќи ја оваа моја прва објава, нескромно е да кажам дека токму таа поетска книга, го понесе големото признание наградата„ Браќа Миладиновци“, на Струшки вечери на поезија. Јас тогаш имав само 26 години и беше едно големо изненадување да добијам толку големо и високо признание. Не бев ни доволно свесен што се тоа значи и какво натпреварување може да биде. Речиси со рамносилна возбуда како тогашната ја примив веста дека токму „Теорија за кучешката година“ го понесе значајното признание Рациновото признание, додаде Стефановски.
Годинешниот лауреат со гордост соопшти дека наградата Рациново признание ја добива на седумдесет годишна возраст и при прво конкурирање.
-Благодарен сум на жири комисијата и на организаторите на оваа значајна манифестација на која и посакувам долговечност, проширување, надградување на досега остварените резултатите и што е најважно доближување до оној профил на наши граѓани за коишто читањето се уште не е изгубена работа иако свесни сме како се повеќе и повеќе опаѓа интереот за културата поебно за книгата и особено за читателската активност, се надевам дека ќе дојдат подобри времиња но за тоа треба и наш придонес, порача Стефановски.
Наградата Рациново признание за 2021, на писателот Милован Стефановски ќе му биде врачено на свеченост во сабота, на 12 јуни, годинава, на втората вечер од држувањето на 58 Рацинови средби.
Стефани Манева
