Само симболична берба на праски, годинава, на фестивалот во Росоман
Целосно уништениот годинешен род на праски во Росоман ја измести програмата на фестивалот „Духовден фест – праскобер 2021“. Сланата што на крајот на месец април, годинава, го зафати атарот на селата на најголемите производители во Македонија како и населбата Росоман, е главната причина што одржувањето на традиционалната манифестација годинава е симболична.
Манифестацијата годинава ќе започне во ООУ “Петре Тошев“ кадешто ќе пристигнат поканетите гости од збратимените општини надвор од Македонија. Тоа ќе се случи утре, 18 јуни, петок, за кога освен жителите на општината ќе учествуваат и гостите од градот Пландиште, во близина на Вршац во соседна Србија, како претставници на збратимената општина со Росоман. Ковид пандемијата ги спречи пак делегациите на збратимените градови од Турција и Романија да бидат гости на росоманци, годинава. Во сабота претпладне ќе се одржи турнирот во мал фудбал, со почитување на протоколите за ковид-19. Потоа ќе се реализира и симболичното откинување на првата праска од сортата сприг крес што во моментов зрее но само на еден до два овошни насади во Росоман.
-Годинава за жал не се одржува ни панаѓурот што традиционално го организира Општина Росоман откако се стекна со статусот на локална самоуправа, поради безбедносни мерки и заштита од ковид-19 притоа почитувајќи ги здравствените мерки на владата. Ова е многу тешка година за производителите на праски во Росоман откако сланата пред неполни два месеци го уништи родот во фаза на зреење. До општината се поднесени 650 барања за надомест на штета по основ на елементарна непогода. Сите тие се физички лица поточно овоштари, исто така, барање поднесоа и двете фирми „Гоце Делчев“ и „Душан Кириќ“ кои се најголеми производители на праски во овој централен дел на државата, рече градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев.
Општината сепак донела одлука и годинава да ја организира традиционалната манифестација за да не е прекине континуитет што трае 15 години.
Стефани Манева