Свечено затворено XX издание на ИФАД „Стоби“, гран при наградата ја доби претставата „Антигона“
Со доделување на награди за најдобри актери, режија како и гран при за најдобра претстава во целост, вчеравечер, на големата сцена на велешкиот театар „Ј.Х.К Џинот“ свечено беше затворено 20 издание на ИФАД „Стоби“ којшто годинава се одржа под мотото „Нови манифести“ од 2 до 12 октомври.
Жири комисијата во состав на Јордан Витанов актер, Љупчо Георгиевски режисер и Катерина Момева драматург одлучија во чии раце ќе завршат меѓународните награди на фестивалот. Тие едногласно одлучија Гран при наградата за најдобра претстава цо целост да биде доделена на претставата „Антигона“ во изведба на Драмско – куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, Република Бугарија.
Награда за најдобра женска улога се додели на Илина Чоревска за улогата на Медеја во претставата „My name is Medeja“ во режија на Себастијан Хорват, продукција на НУ Народен Театар Битола. Потоа, награда за најдобра машка улога се додели на Дејан Донков, за улогата на Креонт во претставата „Антигона“.
Награда за најдобра режија ја доби Александар Морфов за „Антигона“, додека специјалната награда за оригинално драматуршко толкување и авторство беше доделена на Билјана Крајчевска за „Жени во собрание”во режија на Ќендрим Ријани и продукција на НЅ Театар Комедија.
Во чест на лауреатите, дваесеттото издание на ИФАД „Стоби“ беше свечено затворено со гала концерт на Операта при Националната опера и балет на Македонија.
Стефани Манева