„Танец“ со целовечерен концерт вечерва во Велес

Објавено на 2 јули, 2025 во 12:31

Македонската традиција вечерва ќе оживее на сцената под отворено небо во Велес. Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ќе приреди целовечерен концерт во Амфитеатарот на Младински парк. Велешани ќе имаат можност да уживаат во магијата на македонскиот фолклор – преку деведесет минути игра, песна и раскошни носии од сите краишта на земјата.

На сцената ќе се изнижат автентични кореографии и звуци што со децении го слават богатството на македонскиот народен израз. Со енергијата што ја носи секој чекор и прецизноста што „Танец“ ја негува уште од своето основање, ансамблот ќе понуди вистинско фолклорно доживување, како за љубителите на традицијата, така и за помладата публика која допрва ја открива убавината на корените.

Концертот се одржува во чест на 20-годишнината од Интернационалниот фолклорен фестивал Велес, кој свечено беше отворен вчеравечер, и претставува еден од централните настани во рамки на јубилејното издание.

Почетокот на концертот е закажан за 20:30 часот, во Амфитеатарот на Младински парк.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.