Вечер на лауреати на Меѓународните „58 Рацинови средби“

На овогодинешниот лауреат, писателот Милован Стефановски, за романот „Теорија за кучешката година“ Рациновото признание му го додели Градоначалникот на Велес и претседател на Организацискиот одбор на културната манифестација „Рацинови средби“, Аце Коцевски.
Стефановски е писател и поет што од почетокот на својата професионална работа има индиректна врска со Кочо Рацин. Поточно во далечната 1978 година тој на Рацин во стихозбирката „Ѕид на бескрајот“ му ја посветува песната „Лопушник“.
-Со овој три стих започнува песната „Лопушник“: Кога зборовите градат темел, мора да има деца да одморат, широки прозорци да отворат за него“. Ви се обраќам со особена чест и задоволство на добитник, според мене, на мошне значајно книжевно признание во кое е содржано името на стожерникот на нашата книжевна традиција и секако на севкупната македонска култура, Коста Апостолов Солев Рацин. Ова признание е најубавото со кое може да се закити македонскиот писател затоа што е награда посветена на поетот на македонската душа и е посакувано не само од нас, тука, туку и од наши колеги што живеат далеку во светот, рече Стефановски.
Тој досега е добитник на значајните македонски награди „Браќа Миладиновци на Струшки вечери на поезија, „Роман на годината“ од редакцијата на Утрински весник и на „Глигор Прличев“.

Преку снимена видео порака, во Русија, годинешната добитничка на Почесното Рациново признание, Ала Генадјевна Шешкен, истакна дека македонскиот јазик и литература, нивната големина, развој и значајно место во светски рамки треба да се мери преку придонесоат на двата најзаслужни и најмаркантни лика, Конески и Рацин. Оваа руска славистка и македониска посветено работи на промоција на македонскиот јазик и култура во својата држава уште од студентски денови. Течно говорејќи го македонскиот јазик Генадјевна Шешкен се заблагодари за честа што и е укажана за нејзината повеќе децениска работа во која на руски јазик превела дела на голем број македонски поети. Сепак збирката „Бели Мугри“ бил нејзин најголем професионален предизвик и реализација:

-Kако една од најзначајните манифестации во светот, Рациновите средби се познати и признати во светски рамки. Рацин стои на чело на македонската поезија Затоа секој од нас треба да покаже почит кон поетот со срце ширини широко.“

Во нејзино име наградата ја прими Кристина Николовска, член на Организацискиот одбор на Меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“.
Во чест на добитниците на Рациновото и Почесното Рациново признание, вчера вечер, на сцената на театарот премиерно беше изведе претставата „Петтото годишно време“.
Убавка Јаневска
