Велешкиот актер Фаик Мефаилоски добитник на специјална награда на Фестивал на камерен театар во Струмица (фото)
Велешкиот актер Фаик Мефаилоски на 30-тото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица ја доби специјалната награда за улогата Еџан во театарска претстава на велешкиот театар „Синиот портокал“. Оваа претстава е работена по текст на Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски и во неа покрај Мефаилоски настапуваат и Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.
-Убаво е да добиеш награда на фестивал кој се вика „Ристо Шишков“. На момент се чувствуваш моќен, голем и бестрашен како него, напиша актерот Мефаилоски на својот фејсбук профил.
Инаку, главната награда на фестивалот ја доби актерката Дарија Ризова за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“ во режија на Нина Николиќ. Таа е копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и сараевскиот воен театар САРТР.
За наградите одлучи жири комисија на фестивалот „Ристо Шишков“ во состав: актери Нико Горшиќ, Петар Арсовски и Ѕвездана Ангелова, ланска добитничка на наградата за актерка.
Стефани Манева