Велешкиот театар со претставата „Синиот портокал“ гостуваше во Сплит, Хрватска
Објавено: 20 ноември, 2025, во 13:19 часот
Пред локалната публика и македонската заедница во Сплит, Хрватска, велешкиот театар гостуваше со претставата „Синиот портокал“. Актерите Фаик Мефаиловски, Жарко Спасовски и Благојчо Стојанов со својата маестрална игра, оставија силен впечаток и емотивно ангажирана порака кај присутните.
-Публиката имаше можност да ужива во емотивна и ангажирана изведба која отвори важни прашања за човечките односи, довербата и границите меѓу разумот и емоцијата. Гостувањето беше дел од манифестацијата „Македонска културна есен во Сплит“ и претставуваше значаен чекор во промоцијата на македонската култура надвор од границите на државата, соопштија од велешкиот театар.

Ова гостување е потврда дека театарот е жив мост меѓу луѓето кој ги зближува културите и гради пријателства преку уметноста.
-Настанот покажа дека македонската театарска уметност има што да понуди и надвор од границите на државата, а секое вакво претставување е потврда за нејзината вредност и значење. Овие гостувања се од исклучителна важност бидејки ја зближуваат македонската дијаспора со матичната култура, го промовираат македонското театарско творештво на меѓународна сцена и потсетуваат дека уметноста е универзален јазик кој гради пријателства и разбирање, објаснуваат од театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.

Настанот беше овозможен со поддршка од Министерството за култура, EASY Rent A Car од Гевгелија, како и од домаќините од Македонското културно друштво „Македонија“ од Сплит, Ресторан Лаф и госпоѓата Марта Атанасовска Жаја.
Стефани Манева


