Велешките ентузијасти кои го формираа Младинско Драмско Студио на традиционална годишна средба (видео и фото)

Тодор Кузмановски, Марко Минин, Кирил Гравчев, Александар Георгиев, Драган Миладиновски и Трајче Папазов се дел од велешаните кои далечната 1966 година го формираа Младинско Драмско Студио кое во времето на преодната фаза, по тогашното затворање на велешки Театар, на градските театарски штици коишто живот значат ги изведуваа претставите чии драматурзи, сценографи и глумци беа токму тие. Се до повторното професионално признавање на велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во 1974 година.
И сега, како пензионери, некои помлади а други повозрасни според пензионерскиот стаж, се собираат за да споделат сеќавања, спомени и да се дружат. Денеска нивната дружба беше четврта по ред и ќе има многу наредни барем како што соопштија.
Александар Георгиев, Драган Миладиновски и Тодор Кузмановски пренесоа дел од сеќавањата на времето во кое полни со ентузијазам не ги оставија велешани без театарски претстави. Ги спомнаа и Боре Ангелов и Младен Крстевски како и останатите „соборци за продолжување на театарски живот во градот“ но и повеќе згоди и незгоди од нивното „театарско битисување“ во тој период од културното живеење на Велес. Тие создаваа претстави кои освојуваа награди на престижни театарски натпревари и фестивали. Затоа е вредно да се имаат и забележат нивните сеќавања.
Убавка Јаневска
