(видео) Велешкиот театар утречевер со нова премиера – црната комедија „Мало невино убиство“

Објавено на 15 октомври, 2025 во 11:06

На големата сцена на велешкиот театар „Ј.Х.К. Џинот“ утревечер премиерно ќе се изведе црната комедија „Мало невино убиство“ од францускиот автор Жан -Пјер Мартинез со почеток во 20:00 часот, додека на 17 и 20 октомври, петок и понеделник ќе бидат изведени и првите две репризи.

Режисерот на претставата, Деан Дамјановски, во видео изјава за Дума.мк посочи дека се работи за интригантна, динамична комедија во која ликовите влегуваат од заплет во заплет, а сè започнува со една навидум мала и невина лага што на крајот се претвора во хаос. Тој додава дека претставата се работела во две фази, а финалните подготовки покажуваат дека станува збор за нешто со што сите инволвирани можат да бидат задоволни.

Премиерата на 16 октомври, како и првата реприза на 17 октомври, се веќе целосно распродадени. Актерот Васил Зафирчев, кој ја игра улогата на Алан и важи за еден од најомилените актери меѓу велешката публика, за Дума.мк вели дека тоа е уште една потврда за силната врска помеѓу велешани и театарот.

Претставата „Мало невино убиство“ е втора од авторот Мартинез на сцената на велешкиот театар, кој преку специфичниот драмски стил го спојува хуморот и апсурдот во контекст на човечките слабости и манипулации.

Во претставата играат Васил Зафирчев во улога на Алан, Кети Борисовска во улога на Ева и Талија Настова како Ема.

Сценографијата и дизајнот на плакатот се дело на Филип Коруновски, а фотографијата на Крсте Шупев. Гласот на нараторот е Сашко Костов, инспициент е Славиша Ѓеоргиев, суфлер Орхидеја Дукова, технички раководител Никола Игнов, светло Марјан Тодоровски и Зоранчо Јордев, тон Сашко Костов, гардероба Јулија Ангеловска и реквизити Благој Илиев. Декоратери се Игор Гаврилов, Хишам Латифов, Ѓоре Павлов, Јовица Стаменковски, Трајче Кулев, Роберто Карадаковски.

Од велешкиот театар денеска соопштија дека и третата реприза е целосно распродадена и потсетуваат дека резервациите на билетите важат само 24 часа.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.