Едно гласачко место, во недела, преместено на друга локација во Велес
За престојните Локални избори 2021, кои ќе се одржат во недела, на 17 октомври, има измени во избирачките места за гласање во Општина Велес . Избирачкото место во Народни театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ е преместено на нова локација во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во Велес. Преместувањето на ова избирачко место според секретарот на Општинска изборна комисија Велес, Душица Јованова, е поради изведување на градежни активности во објектот на театарската зграда и претставува потенцијална опасност по гласачите. На ова избирачко место според, Единствениот избирачки список има вкупно 684 граѓани со право на глас.
-На овие локални избори има и две избирачки места коишто се згаснати бидејќи има помалку од 10 граѓани со право на глас. Станува збор за избирачките места во Село ‘Рлевци и во село Клуковец, додаде Јованова.
На Локалните избори 2021, во Општина Велес граѓаните ќе гласаат на вкупно 82 избирачки места од кои 62 избирачки места во градот и 20 избирачки места во населените места во општината. На изборите што ќе се одржат во недела право на глас имаат вкупно 45.892 полнолетни граѓани.
Стефани Манева