Западот не ги завел Русија и Украина да војуваат за нивна пропаст, туку Украина се брани од руската агресија
Украина и Русија не се „заведени од Западот да војуваат за нивна пропаст”, како што се тврди во постот, туку Украина, како суверена држава, признаена и членка на ОН е жртва на агресија од својот сосед Русија која официјално анектира нејзина територија. Украина војува да се ослободи, односно ја брани својата независност, а Русија војува за да приграби што повеќе украински територии. Ако Русија престане да војува и ги повлече своите војници, војната едноставно ќе запре
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
Излезете на улица против војната во Украина. Тие народи се наши братски, заведени од Западот да војуваат за нивна пропаст.
Тврдењето дека Русија и Украина се заведени од Западот да војуваат за нивна пропаст е невистинито.
Владата на Канада почна да се бори против дезинформациите преку своите служби за безбедност, на начин што ја информира јавноста за најчестите лажни дезинформациски и пропагандни наративи на Русија кои што се шират во целиот свет. Меѓу нив е и оваа што е изнесена во постот што го рецензираме. Владата на Канада на својата страница пишува:
НАТО е одбранбена алијанса и не сака војна во Европа. Кремљ ја почна војната. Москва се залага за своите империјалистички амбиции во Украина со употреба на своето сопствено оружје и брутални тактики, вклучително и напади врз цивили. НАТО обезбедува поддршка за Украина. Украина има право на самоодбрана, според Повелбата на Обединетите Нации. Индивидуалните НАТО членки продолжуваат да обезбедуваат поддршка и неопходна помош за Украина.
Украина и Русија не се „заведени од Западот да војуваат за нивна пропаст” туку Украина, како суверена држава, признаена и членка на Обединетите Нации е жртва на агресија од својот сосед Русија, која официјално анектира нејзина територија. Украина војува да се ослободи, односно ја брани својата независност, а Русија војува за да приграби што повеќе украински територии. Ако Русија престане да војува и ги повлече своите војници, војната едноставно ќе запре.
На дневна основа граѓаните на Русија се бомбардирани со пропаганда дека НАТО и САД, како и Западот, ѝ се закануваат на Русија и дека НАТО ја турнал Украина во конфликт.
Кога американскиот претседател Џо Бајден на 11 март 2022 година ги објави санкциите за Русија поради нејзината инвазија врз Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин е агресорот.
Путин е агресор. И Путин мора да плати цена. Не може да почнува војна како што прави, која е закана за најголемите темели на меѓународниот мир и стабилност и потоа да бара финансиска помош од меѓународната заедница, рече Бајден.
НАТО јавно ја осудува со најсилна реторика руската брутална и неиспровоцирана војна на агресија против Украина која е независна, мирољубива и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и земјите членки продолжуваат да ја поддржуваат Украина да го одржи своето основно право на самоодбрана.
Дејствијата на НАТО се дефанзивни, дизајнирани не за да испровоцираат конфликт, туку да го превенираат. Алијансата има одговорност да обезбеди дека оваа војна нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, што би било уште поопасно и уште поразорно, пишува на сајтот на НАТО.
Дополнително, според НАТО одлуката на Русија за воена мобилизација е дополнителна ескалација на илегалната војна против Украина, а од НАТО ја одбиваат и руската неодговорна нуклеарна реторика.
Русија има целосна одговорност за војната, огромното страдање коешто нивната агресија го донесе врз украинскиот народ, како и цената на војната за рускиот народ кој е мобилизиран. Русија има во своите раце можност да го заврши конфликтот. Русија мора веднаш да ја запре оваа војна и да се повлече од Украина, напишаа од НАТО на 22 септември 2022 година.
Горецитираниот наратив од НАТО, е целосно спротивен на лажниот наратив од постот дека Западот сака Русија и Украина „да војуваат за нивна пропаст“.
Од НАТО го осудија и таканаречениот референдум за присвојување на украински региони кон Русија.
Територијални присвојувања како резултат од закана или употреба на сила, нема да се признаат за легални. Сојузниците никогаш нема да го признаат нелегитимното присвојување на Крим. Лажните референдуми во Доњецк, Луганск, Запорожје и Харсон не се легитимни и се брутално кршење на Повелбата на ОН. НАТО сојузниците нема да ги признаат. Оваа територија е на Украина. Ги повикуваме сите држави да ги одбијат обидите на Русија за освојување територии, велат од НАТО.
Западот пружа поддршка за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на интернационално признаените украински граници и се залага за правото на Украина на самоодбрана. НАТО е одбранбена алијанса и се залага за мир, безбедност и стабилност во целата Евроатлантска област.
Американскиот претседател Бајден, уште на 11 март 2022 година во своето излагање од Белата Куќа порача дека Украина ќе добие поддршка од САД, дека САД ќе праќа пари храна и помош за да го спаси украинскиот народ и ќе прима украински бегалци, и меѓу другото посочи:
Ќе продолжиме заеднички со нашите сојузници во Европа и ќе испратиме непогрешлива порака: Ќе го браниме секој инч од НАТО територијата со целата своја сила, обединето. Нема да водиме војна против Русија во Украина. Директна конфронтација меѓу НАТО и Русија е трета светска војна и тоа мора да го превенираме. Но веќе знаеме дека војната на Путин против Украина никогаш нема да е победа. Тој се обиде да ја доминира Украина без борба и не успеа, да ја разори Европа и не успеа, да ја ослабне трансатлантската алијанса и не успеа. Американскиот народ е обединет и стоиме зад луѓето од Украина. Нема да им дозволиме на автократи и такви коишто сакаат да бидат императори, да ја диктираат насоката во која ќе се движи светот.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Западот ги завел Русија и Украина да војуваат за нивна пропаст.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.