Ковид не е измама, туку болест предизвикана од коронавирусот

Објавено на 24 ноември, 2021 во 10:31

Постојат, дијагностички потврдени случаи на ковид-19 во целиот свет вклучително и во Република Северна Македонија.Ппостојат сведоштва од пациенти кои прележале ковид, сведоштва на членови на семејства кои изгубиле блиски како последица на ковид. Има глобални напори за справување со пандемијата и со ковид-19 со воведување нов начин на живот, со маски, дистанца, дезинфекција, вакцинални сертификати, тестирање, бидејќи ковид е болест специфична и различна од сите други и со потврден и изолиран коронавирус. Така што, овој постот не е вистинит. Ковид не е измама, туку болест предизвикана од коронавирусот. А, наспроти апелот во постот да се одбиваат вакцините, тие го намалува ризикот од смртен исход од ковид-19, како и од тешки ковид компликации

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се доведува во прашање постоењето и веродостојноста на болеста ковид-19 предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ2. Во постот без никаква аргументација се тврди следното:

Ковид е измама, одбивајте вакцини.

Иако наративот дека ковид не постои, дека е измама и апелот да се одбиваат вакцини, ПЦР тестови и воопшто почитување на мерките за заштита од коронавирусот, не е новост, сепак, опасноста се зголемува затоа што овие невистинити пораки се упатени во период кога трае вакциналната кампања, клучна за намалување на ризиците од тежок ризик и исход од ковид-19.

Ковид не е измама и навистина постои. Станува збор за болест, предизвикана од коронавирусот, кој, пак, е изолиран во лабораторија, со што се докажува неговото постоење. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација (СЗО) потврдува  дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување. Ова изолирање на коронавирусот содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“.

Последните статистики на Институтот за јавно здравје во Република Северна Македонија, покажуваат дека досега во земјата се направени вкупно 1.446.403 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 212.220, бројот на оздравени пациенти е  196.249, на починати е 7.436, а бројот на активни случаи изнесува 8.535 (20.11.2021). Сите овие бројки не се само статистика, туку вистински луѓе. Неможно е да се манипулира со толкав број на заразени доколку ковид не постои. Постои и специфичен начин на којшто се детектира ковид а тоа е ПЦР тест.

ПЦР тестот исклучиво го пронаоѓа коронавирусот и тоа според единствено за САРС-КоВ-2 специфични гени – N и E, кои ги има само во коронавирусот и ниеден друг вирус. Мешање е неможно. Ако се испитува со ПЦР тест, тогаш сигурно се детектира коронавирус и ниеден друг.

На специјалната веб-страница на Владата посветена на коронавирусот пишува дека:

Ковид-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување. Ковид-19 примарно се шири преку капки на плунка или секрет од носот на заразена личност, кога тој ќе кивне или ќе кашла.

Коронавирусите се големо семејство на вируси за кои е познато дека предизвикуваат болести кои варираат од обична настинка до посериозни заболувања како Респираторен синдром од Блискиот Исток (БИРС) и Сериозен акутен респираторен синдром (САРС).

Сосема е нелогично е да се тврди дека „ковид е измама“ во ситуација кога во многу земји има сè повеќе заразени, особено со делта сојот, кога во ниту една земја населението не е целосно вакцинирано, а во одредени сиромашни земји има многу мал процент на вакцинирани. Следствено на тоа, секојдневно расте бројот на заразени, како и на смртни случаи како последица од самиот вирус.

Особено стана проблематично за теоретичарите на заговори, кои ја пласираат оваа немедицинска и ненаучна теза, да го проблематизираат постоењето на коронавирусот, затоа што во многу фамилии во земјава се појавија случаи на заразени. Во јавноста сè почесто излегуваат и семејствата на починатите, кои сведочат дека нивните блиски починалекако последица на ковид, а ваквите сведочења не може да се побијат. Особено, затоа што постои медицинска историја од хоспитализацијата на пациентите и параметри кои укажуваат на клиничка слика од ковид, некарактеристична за други болести.

Медицински професионалци посочуваат на симптоми, на клиничка слика и на начин на кој се манифестира болеста. Тие најдиректно се соочуваат во секојдневната пракса со пациенти коишто лично ги лекуваат од ковид и свесни се дека болеста постои.

Во  март минатата година СЗО прогласи пандемија на ковид-19, тогаш имаше 118.000 заразени во 114 држави, а бројот на починати лица достигна  4.291.

Вирусот мутира, а моментално во земјите ширум светот е доминатна варијацијата на делта сојот, којшто е присутен и кај нас. Овој сој го донесе четвртиот бран на пандемијата во Македонија за време на кој се регистрирани нови случаи на заразени и починати лица. На удар на вирусот сè повеќе се и младите луѓе, поради што Министерството за здравство апелираше граѓаните што помасовно да се вакцинираат.

Сите симптоми на ковид-19, болеста предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ2 може да ги погледнете на следниот линк. Исто така, вредно за напомена е дека по прележувањето на коронавирусот и негативизацијата на пациентот, постои можност и за состојба позната како долг ковид, која што се третира на Клиниката за пулмологија во Скопје. Повеќе информации за состојбата наречена долг ковид, „Вистиномер“ објави на овој линк.

Со оглед на тоа што постојат дијагностички потврдени случаи на ковид во целиот свет, вклучително и во Република Северна Македонија, постојат и сведоштва од пациенти кои прележале ковид, сведоштва на членови на семејства кои изгубиле блиски како последица на ковид, глобални напори за справување со пандемијата и со ковид-19 со воведување нов начин на живот, со маски, дистанца, дезинфекција, вакцинални сертификати, тестирање, со оглед на тоа дека ковид е болест специфична и различна од сите други и со потврден и изолиран коронавирус, оценуваме дека постот што го рецензираме не е вистинит. Ковид не е измама туку болест предизвикана од коронавирусот. За напомена е и дека вакцината против ковид според македонските здравствени власти го намалува ризикот од тешки ковид компликации и смртен исход од ковид 19, наспроти апелот во постот кој го рецензираме да се одбиваат вакцините.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.