Не е точно дека при вакцинација некои примаат вистинска вакцина, а други плацебо

Објавено на 25 ноември, 2021 во 11:23

Плацебо е физиолошки раствор, односно мешавина од сол и вода, која се дава во текот на клиничките испитувања на вакцините на дел од учесниците. Откако ќе биде целосно развиена, вакцината повеќе нема никаква допирна точка со плацебо. Кога ќе отидете на вакцинален пункт, може да бидете сигурни дека примате вакцина, а не солена вода во рамото. Тврдењето  дека политичарите не примаат вистинска, туку плацебо ковид-19 вакцина, е невистинито, непоткрепено со аргументи и претставува теорија на заговор која ги вклучува елитите како наводно привилегирани контролирачи на ковид пандемијата

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека сите политичари примаат плацебо вакцини против ковид, наместо вистински вакцини.

Зошто некои луѓе имаат тешки нус појави а некои не? Па таман работа сите да примаат штетна вакцина и да испопаѓаат наеднаш, кој после ќе оди да се боцне на здрав памет? Тоа ќе значеше брз крај на пландемијата. Затоа ова е добро смислена игра каде дел од вакцинирните примаат плацебо – физиолошки раствор, за останатите околу нив да се убедат дека боцките се безбедни, се вели во постот.

Дали е точно дека кога ќе отидете на вакцинален пункт, не може да бидете сигурни дали сте примиле плацебо инјекција, или, пак, сте добиле вистинска ковид вакцина? Плацебо е физиолошки раствор, односно мешавина од сол и вода, која се дава во текот на клиничките испитувања на вакцините на дел од учесниците кои ја претставуваат една од двете групи. На другата група за време на клиничкото испитување и се дава вистинската вакцина. Меѓутоа ниту тие во нултата група, ниту тие во контролната група не знаат и не смеат да знаат кој примил вистинска вакцина, а кој плацебо. Едно искуство на учесник во клиничка студија за ковид вакцина може да прочитате на следниот линк.

Причината поради која на некој му се дава физиолошки раствор наместо вистинска вакцина е да се види како ќе функционира лекот кај вакцинираните наспроти оние кои не се. Меѓутоа, откако ќе заврши клиничкото тестирање, на сите им се даваат вистински и произведени вакцини и плацебо повеќе нема, наспроти лагите кои се изнесени во постот кој го рецензираме.

Откако ќе биде целосно развиена, вакцината повеќе нема никаква допирна точка со плацебо. Кога ќе отидете на вакцинален пункт, може да бидете сигурни дека примате вакцина, а не солена вода во рамото. За вакцините кои се администрираат во С. Македонија на следниот линк може да ги погледнете сите информации за нивните несакани ефекти, колку проценти се ефективни, на каков начин се создадени и каде да пријавите несакани ефекти.

Вакцините „АстраЗенека“ и „Фајзер“ кои се достапни во Британија, поминаа клинички тестирања за да се докаже нивната безбедност и ефикасност. За време на тестирањата, на половина од волонтерите им беше дадена вакцината а на половина плацебо. Клиничкото тестирање на „Фајзер“ на повеќе од 40 илјади луѓе покажа дека вакцината може да превенира 95 проценти од ковид случаите. Испитувањето на „АстраЗенека“ на повеќе од 23 илјади луѓе покажа дека вакцината е 70.4 проценти ефективна.

Според официјалните информации кои ги објави Министерството за здравство во клиничкото испитување за вакцината на „АстраЗенека“ биле вклучени над 25 илјади индивидуи, во онаа за „Фајзер“ 40 илјади, во таа за „Спутник В“  над 19 илјади луѓе.

За сите вакцини има упатства за користење во кои се наведени состојките и несаканите ефекти по имунизацијата кои можат да се случат, а најчесто се благи. Кога овие вакцини би биле плацебо, не би можело да има несакани ефекти, ниту пак, состојки на вакцината. Земјава прими многу донации вакцини од соседите, на пример од Србија и од Бугарија, а се очекуваат и нови донации во наредниот период. Сите тие вакцини беа спроведени во ладен ланец каде што мораше да се одржи температура која е ниска за вакцините да бидат безбедни при преносот. На ист таков начин и се чуваат и складираат вакцините во земјава, така што кога би биле плацебо тоа воопшто не би се правело.

Секој граѓанин по вакцинацијата добива картон каде што е напишан датумот на примање на дозите, серискиот број на вијалата, датум за втора вакцина, производител. На крајот се добива и вакцинален сертификат со кју ар код кој е единствен и соодветствува на вакцината која што била аплицирана. Да се каже дека политичарите се вакцинирале со плацебо е лажно тврдење, особено зашто во земјава тие се вакцинираа пред камери, а дел од нив по апликацијата на вакцината дури и имаа забелешки затоа што не примиле вакцина на „Фајзер“ туку вакцина на друг производител, односно руската „Спутник В“ вакцина. (Таков беше случајот со пратеникот, Павле Трајанов кој негодуваше за видот на вакцина која му била аплицирана, иако во тоа време немаше избор која вакцина сакаат граѓаните да ја примат).

Ваквите дезинформации се особено штетни во период кога вакциналниот опфат во Република Северна Македонија не е на потребното ниво од 80 проценти за да се постигне колективен имунитет. На ваков начин, во постот се тргнува од претпоставката дека вакцините се штетни, па поради тоа самите политичари некако магично ги избегнуваат примајќи плацебо, што не е вистина. Над 80 проценти од хоспитализираните во македонските болници со ковид, се невакцинирани луѓе. Вакцината, иако не штити од заразување, сепак се покажа дека штити во клиничкиот тек на болеста.

Доктор Горан Кунгуловски од „Жан Митрев Клиник“, на својот Фејсбук профил вели дека последните бројки за прележаните, вакцинираните и непрележаните што не се вакцинирани, укажуваат на следното:Оние што ја прележале болеста имаат мала шанса да се заразат. Ефективноста на прележаноста кон нова инфекција (ре-инфекција) е некаде меѓу 80-95 проценти зависно од старосната граница. Позитивниот аспект е што оваа ефективност не се намалува дијаметрално дури и после повеќе од 6 месеци; има студии каде што после 9-10 месеци останува таква. Прележаните со барем една доза на мРНК вакцина имаат 2-3 пати подобри исходи од невакцинираните прележани. Покрај тоа нивниот имун одговор созрева (барем 4-12 месеци) и може да неутрализира и идни соеви на вирусот коишто моментално не постојат. Не се знае колку време ќе трае оваа заштита.Вакцинираните со две дози на мРНК вакцина, а непрележани, според Кунгуловски, имаат мала шанса да се заразат првите 1-2 месеци од примање на вакцината (ефективност околу 85-95% зависно од старосна граница). Како изминува времето оваа ефективност паѓа на 40-50% после 6 месеци и веројатно на 20-30% после 9 месеци (во зависност од старосната граница). После 9 месеци, вакцината уште добро се држи во однос на намалување на ризикот за смрт со просечна ефективност >80%, но за несреќа кај повисоки старосни групи се намалува на 50%, посебно кај тие над 80 години.Тоа е добар аргумент за примање на бустер доза после 6 месеци кај старите, имунокомпромитирани и изнемоштени лица. Не се знае колку ќе трае оваа заштита кон сериозен тек на болеста (многу малку литература има за кинеските и руските вакцини, затоа не коментирам за нив). Знаејќи го ова, прележаните треба во најмала рака да се третираат како вакцинираните: прво за да бидеме интелектуално и научно искрени и да не ги дискриминираме, второ за да ги мотивираме оние што се тестираат дома да се пријават за да влезат во официјална статистика и последователно да имаме подобар увид во епидемиолошката состојба, вели докторот.Тој додава дека непрележаните и невакцинираните имаат најголем ризик за сериозен тек на болеста и смрт и треба да се вакцинираат. Посебно тие во повисоките старосни групи.Тие се луѓето коишто ги полнат и ќе продолжат да ги полнат болниците, сè додека не стекнат некаков имун одговор.. Полните и оптоварени болници имаат два главни ефекти: помалку соодветна нега на болните од ковид и намалена медицинска нега на болните со други хронични болести, вели Кунгуловски.

Доколку вакцините администрирани, беа плацебо, односно физиолошки раствор од сол и вода, немаше да има така голема разлика меѓу текот и развојот на болеста меѓу вакцинираните и невакцинираните.

Оценуваме дека постот што го рецензираме, а во кој се тврди дека политичарите не примаат вистинска туку плацебо ковид-19 вакцина, е невистинит, непоткрепен со аргументи, невозможен за спроведување и претставува теорија на заговор која ги вклучува елитите како наводно привилегирани и контролирачи на ковид пандемијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.