Општина Дебар со најниска стапка на имунизација против коронавирусот

Објавено на 8 декември, 2021 во 04:04

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во Општина Дебар има најмал опфат на вакцинација против коронавирусот, само 28.3 отсто од вкупното население е вакцинирано. Од дебарската болницата, пак, велат дека доколку се изземат печалбарите во Дебар, околу 50 отсто од населението со постојано живеалиште е имунизирано

Пишува: Соња Рилковска

Општина Дебар е еден од градовите во државата со најнизок опсег на вакцинација против коронавирусот. Според последниот извештај на Институот за јавно здравје (период од 22 до 28.11.2021 г.), само 28,3 проценти од вкупното население во Дебар е вакцинирано, што е најниска стапка во земјата. Статистички само 35 отсто дебранци над 18 години примиле вакцина.

Фото: Принтскрин табела ИЈЗ

Од Општата болница Дебар велат дека процентот на имунизирани не е толку низок, бидејќи голем процент од населението се иселеници.

Не може да кажеме дека имаме низок процент на вакцинација. Доколку се изземат иселениците, јас мислам дека е вакцинирано 50 отсто од населението кое постојано живее во овој крај. Во процентот што го прикажува Институот за јавно здравје се и печалбарите кои не живеат тука, а ги има многу, па затоа излегува како да имаме најнизок процент во земјава, вели во изјава за „Вистиномер“ Баки Алили, директор на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Дебар и Центар Жупа.

Според пописот од 2002 година, Општината имала население од 19.542 жители, но денес добар дел од нив се печалбари во европските земји и таму си живеат.

Од дебарската болница, велат со прва и втора доза вкупно биле вакцинирани околу 13.000 граѓани. Дополнуваат дека голем е интересот и за трета доза вакцина.

Задоволни сме од интересот на граѓаните. Има интерес и за трета доза вакцина, досега се аплицирани околу 450 бустер дози. Дневно имаме од 30 до 50 пациенти кои се вакцинираат. Трета доза се аплицира  само „Фајзер“, но ние како болница располагаме и со вакцините на „АстраЗенека“ и на „Синофарм“, додава Алили.

Во моментов во Дебар и Центар Жупа има само еден хоспитаизиран пациент позитивен на коронавирусот.

Состојбата со коронавирусот е доста стабилна, немаме голем број на заболени лица. Имаме еден пациент хоспитализиран на Инфективното одделение и тој е во стабилна состојба. Не е на кислородна поддршка со лесна клиничка слика, вели Алили.

Од почетокот на пандемијата, според ИЈЗ ( состојба 28.11.2021 г.), во Дебар заболеле вкупно 1.455 лица од нив, 72 лица го загубиле животот. Стапката на леталитет е една од повисоките во земјава и изнесува 4,9 отсто.

Принтскрин табела ИЈЗ

На стартот на пандемијата општините Дебар и Центар Жупа беа првото жариште на коронавирусот. Во март лани, со одлука на Владата беа ставени во едномесечен карантин, бидејќи од вкупно 13 заболени во земјава, дури 11 беа од овие краишта. Првите заболени се претпоставува дека беа повратници од Италија.Во двата региона беше ограничено движењето, никој не смееше да влегува, ниту да излегува, освен со дозвола исклучиво за итни потреби.

Во последните денови Општина Дебар ја нема на листата новозаболени, ниту починати од ковид -19, според последната статистика од Министерството за здравство (објавена на 06.12.2021 г.), таму има само два активни случаи на коронавирус.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата МетаморфозисТој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.