Се полнат болниците во охридско-струшкиот регион – во струшко вакцинацијата под 30 отсто
Четвртиот бран ги полни болниците во охридско-струшкиот регион. Најкритично е во градовите се помал опфат на вакцинација. Во Охрид се хоспитализирани 13 лица, додека во соседна Струга 20. Двата туристички центри во земјава изминатава сезона се преполни со туристи. Се организираа стотици свадби, концерти и забави со илјадници гости, ретко каде се почитуваа протоколите за заштита од вирусот. Имаше и свадби на кои организаторите биле заразени со вирусот, но не ги откажаа веселбите
Пишува: Соња Рилковска
Само за една недела во струшката болница се хоспитализирани нови 20 пациенти со коронавирусот, а дури 17 од нив се на кислородна поддршка. Најмладиот пациент на болничко лекување има 30 години.
Зголемен е и бројот на прегледи на сомнителни лица. Стотина пациенти дневно со симптоми се прегледуваат на Интерното одделение. Од менаџментот за „Вистиномер“ изјавија дека болницата има капацитети за справување со четвртиот бран кој зема замав.
Ние сме подготвени во однос на опрема, кадар и капацитет. Располагаме со специјалисти, интернисти имаме и инфектолог. Сестрите кои што веќе се обучени и подготвени, имаме распоред и го менаџираме кадровскиот потенцијал за справување со оваа ситуација, вели Арменд Арслани, директор на болницата во Струга.
Во струшко сè уште е низок опфатот на имунизација, новите препораки го зголемија интересот, но вакцинацијата е под 30 отсто.
Во однос на возраста на хоспитализирани пациенти станува збор за помлада популација, токму затоа и апелот е да се вакцинираат граѓаните и да бидат подисциплинирани, бидејќи само на тој начин ќе се чуваме себеси и нашите најблиски, додава директорот на струшката болница Арслани.
Директорот на Здравствен дом Струга, Андон Ложанкоски, во изјава за „Вистиномер“ вели дека расте и бројот на домашни посети кај заболени со коронавирусот, но додава дека деновиве во струшко се зголемува интересот за вакцинација.
Расте бројката на позитивни случаи, на полесно и потешко заболени. Се зголемува бројката и на домашни посети со ковид позитивни пациенти. Добро е што вакцинирањето последните денови ни оди добро. Околу 10.000 граѓани се вакцинирани на пунктовите во Струга , вели Ложанкоски.
Во Охрид, каде опфатот на вакцинација е околу 50 отсто, состојбата е постабилна. Има 13 хоспитализирани пациенти и сите се во стабилна состојба, ниеден не е на кислородна поддршка. Најмладиот пациент има 25 години.
Состојбата засега е стабилна. Ќе имаме сигурно тренд на зголемување, меѓутоа не очекувам да имаме голем атак, прилив на пациенти во модуларната болница. Имаме доволно места, сега сме доста поспремни, научивме многу за оваа година и два месеци, ни изјави Горан Балевски, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Министерот за здравство, Венко Филипче, деновиве при посетата на охридската болница, информираше дека анализите покажуваат оти најголем број на новозаболени има во градовите со мал процент на вакцинација. Тој потенцира дека тоа е доказ оти само вакцинираните се прилично безбедни, а вакцините ефикасни и ефективни.
Од вкупно 3.497 новозаболени во изминатите седум дена 3.047 се невакцинрани што значи само 10% се вакцинирани и позитивни и тие што се во болница на лекување имаат прилично стабилна состојба. Она што дополнитлено охрабрува е дека од вкупниот број на вакцинирани во нашата држава од околу 400 илјади ревакцинирани и околу 500 илјади со прва доза само 0,002% се заразиле, изјави Филипче.
По најавата за новите мерки, кои стапија на сила на 16 август, зголемен е интересот за вакцинација и кај помладата популација.
Овие денови имаме поголема заинтересираност и воедно и поголема гужва. Гледаме гужвата да ја намалиме со тоа што треба да се почитува терминот за ревакцинација. Ги одделивме пациентите на едно место прва доза на вакцина на друго ревакцина, вели Соња Мариноска, раководител на служба за здравствена заштита Охрид.
Во Охрид има 155 активни случаи на корона вирусот, во соседна Струга 133. Двата туристички центри во земјава изминатава сезона се преполни со туристи. Се организираа стотици свадби, концерти и забави со илјадници гости, ретко каде се почитуваа протоколите за заштита од вирусот. Имаше и свадби на кои организаторите биле заразени со вирусот, но не ги откажаа веселбите.
Последната анализа на Министерството за здравство покажа дека 40 отсто од заболените во земјава биле на некаква прослава, забава или свадба.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар