11-та капитална инвестиција во Кавадарци од почетокот на годината – се гради Био пазар кој чини 26,5 милиони денари
Објавено: 2 февруари, 2026, во 13:51 часот
Во тек е изградбата на нов модерен био пазар во Кавадарци – инвестиција во здравјето, земјоделието и локалниот развој. Пазарот ќе биде прв од ваков вид во Тиквешкиот регион како резултат на инвестиција во здравјето, земјоделието и локалниот развој на градот.
-Овој проект има за цел да обезбеди современ, уреден и сертифициран простор во којшто локалните земјоделци, органски производители и мали семејни бизниси ќе можат директно да ги продаваат своите производи, без посредници – по фер цени, со зголемена доверба од потрошувачите. Со овој капитален проект инвестираме во три столба – здравјето на граѓаните, економската моќ на нашите производители и одржливата иднина на Кавадарци. Ова е простор каде локалното добива вистинско значење, соопшти градоначалникот Митко Јанчев.
Проектната документација на капиталниот – објект Био пазар покажува дека е составена од 15 деловни единици кои содржат простори за продажба на органски јаткасти плодови, мед, преработки и домашни прозводи, сирење, кашкавал, урда, путери од јаткасти плодови и слично.
Проектот е дел од визијата за Кавадарци како еколошки одговорна и економски динамична општина, која ги поттикнува локалните производители, го скратува синџирот на снабдување и ја зголемува свесноста за здрави животни навики. Пазарот се гради во зона со комерцијална и деловна намена. Капиталниот објект чини 26 милиони 573 денари со пресметан ДДВ.
И додека на една парцела тече изградбата, на фотографијата, уловен е и момент на уривање на објект, на локација на влезот во градот, којшто со години преставуваше грда слика и не доживеа да биде ставен во употреба.
Убавка Јаневска


