Акцијашите ветерани избетонираа цокле долго 40 метри во дворот на црквата во Војница, Славко Мицев Гане ударник е на денот (видео и фото)

Дваесет и пет акцијаши ветерани на Работна бригада „Кочо Рацин“ денеска беа волонтери и спроведоа доброволна акција во дворот на црква „Свети Атанасиј“ во село Војница. Од ЗГ„Акцијаш ветерани“ помош побарал манастирскиот Одбор од Војница. Управните тела на граѓанското здружение веданаш одобрија додека акцијашите ветерани ја изведоа денешната акција.


–Доброволно работевме на подготвување на бетон за дел од ѕид, поточно цокле, во должина од 40 метри, висина 50 сантиметри и ширина 20 сантиметри. Мислам дека добро се организиравме за да успееме во три ипол часа да го направиме бетонот а потоа и да го изведеме бетонирањето на цоклето. Работевме ударнички а од сите нас најмногу се истакна акцијашот ветеран Славко Мицев Гане кој е прогласен за Ударник на денот на нашата доброволна акција, рече Горан Петков претседател на ЗГ „Акцијаш ветерани“.

Петков додаде дека граѓанското здружение постои за да помага и преку помошта во изведување на доброволни акции да ги негува традициите на бригадирството и акцијаштвото коишто беа пример помеѓу младите луѓе во поранешната држава, Југославија. Сите членови, кои се поранешни бригадири и учесници на бројни тогаш младински работни акции сега се особено посветени добрите вредности да ги пренесуваат на младите генерации во Велес и во сегашната држава, Македонија.


Исто така, од ЗГ„Акцијаш ветерани“ порачаа дека се отворени за да ги имаат во својте редови и постарите сограѓани кои сакаат преку доброволна работа да придонесат за поубава, поздрава и почиста животна средина како во Општина Велес така и во соседните, Чашка, Градско, Лозово и Росоман.
Убавка Јаневска
