Аутизам не значи ограничување, туку поинаков начин на доживување и изразување на светот
Објавено: 2 април, 2026, во 11:50 часот
Ученици од основните и средните училишта во Велес преку едукативна работилница го одбележаа 2 април – Светскиот ден на аутизмот, со цел подигнување на свеста и подобро разбирање на оваа состојба кај граѓани со аутизам.
Работилницата беше организирана од Младинскиот центар Велес во соработка со Здружението на граѓани „Попи“, а настанот обедини млади на кои проектната координаторка Мирјана Петрушевска Савова ги запозна со тоа што претставува аутизмот, како се манифестира и кои се најчестите разлики кај лицата со аутистичен спектар.
Преку интерактивни активности и отворени дискусии, учесниците разговараа за предрасудите и митовите поврзани со аутизмот, со акцент на нивно надминување и градење на поинклузивно и прифатливо општество. Организаторите потенцираа дека едукацијата и информирањето се клучни чекори кон поголема емпатија и разбирање.

На работилницата беше истакнато дека различноста треба да се прифати како вредност. Учесниците нагласија дека е важно да се развие свест дека однесувањето кај лицата со аутизам не е намерно, туку е одраз на нивниот внатрешен свет, поради што се потребни разбирање, поддршка и прифаќање.

Во знак на солидарност и поддршка, учениците изработија сини панделки – симбол на аутизмот, испраќајќи порака дека различностите нè прават посилни како заедница.
Стефани Манева



