Ганчо Пајтонџиев не треба да биде само име во научната литература туку дел од колективната меморија на Велес (видео)

Објавено: 30 октомври, 2026, во 12:05 часот

Преку стручниот и научно аргументиран пристап, на д-р Стојанче Костов, истражувач на народните ора при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, вчеравечер, присутни велешани на настан во ЛБ„Гоце Делчев“ имаа можност поблиску да се запознаат со истражувачката дејност, значењето и придонесот на велешанецот Ганчо Пајтонџиев во проучувањето и документирањето на македонското традиционално оро.

Предавањето отвори повеќе суштински прашања кои заслужуваат сериозно внимание од локалните институции, пред сè од Општина Велес, кои се однесуваат на ликот и делото на овој значаен велешанец во македонската етнокореологија како што се зошто досега не добил соодветно место во културната меморија на својот град,  зошто неговиот роден град  не му поставил ниту едно спомен-обележје или неименувал ниту една културна институција, улица или друго јавно обележје.

„Ова не се само прашања, туку и повик за поголема институционална одговорност и почит кон личностите кои со својата работа го задолжиле градот и македонската култура. Зачувувањето на културното наследство не подразбира единствено негување на традициите, туку и препознавање, вреднување и достојно одбележување на луѓето кои придонеле тие да бидат истражени, документирани и пренесени на идните генерации,“ гласеа констатациите на присутните граѓани.

Настанот беше реализиран на иницијатива на младиот и надежен фолклорист Христијан Саздовски, секретар на Здружението на граѓани „Разбој“ – Велес, со цел повторно да се актуализира значењето на личноста и научниот придонес на Пајтонџиев во развојот на македонската етнокореологија, но и да се отвори поширока дискусија за односот на локалната средина кон сопствените културни и научни великани.

Настанот беше дел од одбележувањето на 20 годишниот јубилеј на ЗГ „Разбој“ во Велес  кое што се залага за афирмација на македонското културно наследство, поттикнување на научната мисла и враќање на заслуженото место на значајните личности од културната историја на Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.