Битиќи: Владата нема да дозволи незаконско работење на велешка „Колска“, одговорноста мора да ја сноси раководството
Раководството мора да ја сноси одговорноста за состојбата во која се наоѓа фабриката за шински возила „Велес“ и особено за статусот на работниците по месец декември ,2021 година, гласи ставот на заменик претседателот на владата за економски прашања Фатмир Битиќи. Дума .мк денеска го прашаше Битиќи кога повторно Управата за јавни приходи ќе ја одблокира жиро сметката на велешка „Колска“ што е главна причина за неисплатената плати и придонеси на работниците за месеците март и април. Исто така и за неможноста фабриката да наплати побарувања за услуги коишто ги извршила, да плати комунални сметки и да набави репроматеријали, неопходни за производниот процес.
-Работниците никогаш не биле загрозени од владата. Одговорно за состојбата во која се наоѓа „Колска“ е раководството. Минатата година, во месец декември, владата издвои финансиски средства во висина од 30 милиони денари за плаќање на 60 отсто од старите долгови на фабриката кон УЈП. Тогаш со раководството се договоривме за Програма за репрограмирање на старите долгови и динамика на работа којшто ќе овозможи редовно земање на плата со подмирување на 40% од старите долгови кон државата. Тоа не се случи до денеска. Раководството не е подготвено да се носи со одговорноста и тоа треба да и го соопшти на владата. Владата нема да дозволи незаконско работење поточно деблокада на жиро сметката не е можно да се направи без редовно, месечно подмирување на обврските од страна на фабриката, додаде Битиќи.
Заменик претседателот на Владата за економски прашања го најави сопственото доаѓање во велешката фабрика, во најкраток период согласно неговите редовни обврски, за конечно да се дефинирале работите со управувањето и менаџирањето на „Колска“.
Во неколку наврати Дума.мк разговараше со претседателот на фабричката синдикална организација, Тони Арсовски кога беше информирана дека 82 работници не земале плата пред велигденските а потоа и пред првомајските празници. Тие работат без пари и денеска. На прашањето зошто, управителот Мите Јанков , одговори дека причина е блокираната жиро сметка.
-Блокадата од УЈП не ни дава можност ниту да ги наплатиме нашите веќе издадени услуги или завршена работа кон „Национални железници“ – транспорт и кон „Оилко“. Исто така не можеме да исплатиме плата, да подмириме сметки за електрична енергија и за вода, да купиме репроматеријали за да продолжиме да работиме. Во моментов „Колска“ работи на два патнички вагони на “Национални железници“ – транспорт и според договорот треба да бидат поправени уште 10 товарни вагони. Исто така има најава за наредни 10 вагони коишто ќе пристигнат на Железничка станица во Велес кои за жал не ќе можеме поради неможноста да набавиме количини на горива и деривати да ги внесеме во производствените хали. Најава за репарирање на 15 цистерни имаме и од „Оилко“, додаде Јанков.
Според управителот на „Колска“ фабриката сега има обезбедено континуирана работа за наредните неколку месеци но, откако во јануари и февруари поради непочитување на договор навреме не ги добила најавените товарни и патнички вагони од „Национални железници“ – транспорт. Вредноста на услугите што „Колска“ сега треба да ги испорача кон железничарското претпријатие и компанијата „Оилко“ чинат 199 илјади евра. Тоа според Јанков би значело исплата на месечна плата, подмирување на обврски, купување на репроматеријали за работа и сепак месечен остаток од 300 до 600 илјади денари што изнесува само половина од вкупниот износ на месечната ратата што по основ на стари долгови треба да и ја платат на Управата за јавни приходи.
Убавка Јаневска