Болница „Јасеново“ има потреба од доекипирање со високо стручен здравствен кадар

Објавено: 5 декември, 2025, во 13:59 часот
Фото: Архива на Дума.мк

Двајца искусни лекари специјалисти по интерна медицина, од кои еден со субспецијализација пулмологија, ги издаваат сите здравствени услуги на пациентите во Специјализираната болница „Јасеново“. Јавната здравствена установа, позната ширум Македонија по комплетни услуги од дијагностика со резултати за кои се чека најмногу четири часа, располага и со современи медицински апарати. Тоа се причините за 30 до 50 дневно извршени комплетни прегледи на пациенти кои како динамика на работа во оваа болница е востановена практика со години наназад. И кога тимот лекари го сочинуваа петмина специјалисти и сега, кога на двајцата со долгогодишно искуство, им помагаат уште две лекарки специјализантки на интерна медицина и еден лекар по Општа медицина. Овој лекар чека распишување на конкус за специјализација од страна на министерството за здравство.

Според директорот Далибор Таневски со вработувањата на четири медицински сестри со средна стручна спрема, од кои две за работни места болничарки и еден лаборант техничар, подобрена е состојбата со средностручниот здравствен персонал.

-Сите колеги заедно успеваат да се справат со издавањето здравствени услуги на пациентите кои освен од дијагностика имаат и потреба од болничко лекување. Капацитетот на болницата, комплетно реновираната и опремена со современа медицинска опрема, овозможува прием и лекување на 65 лежечки пациенти. Но за полн капацитет потребен е и многу поброен медицински тим, додаде Таневски.

Но двајцата искусни лекари од пензионирање ги делат месеци или година, доколку не одлучат да продолжат со работа. Субспецијалистот пулмолог единствен е за препишување и продолжување терапија во регионот на општина Велес со соседните помали општини. Тоа ги прави повторно актуелни минимум потребните услови за нормално функционирање на болницата која позната е како воздушна бања и како „македонски Шварцвалд“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.