Примероци на вода од селскиот водовод во Богомила, поради бактеријата ешерихија коли, однесени на анализа
Земени се денеска мостри од водата во селскиот водовод во Богомила и однесени на анализа во Центарот за јавно здравје во Велес. Резултатите ќе треба да бидат готови до среда на 6 јули и да покажат дали во водата за пиење од овој селски водовод сега има или нема бактерија ешерихија коли, соопшти денеска шефот на кабинетот на градоначалникот на општина Чашка, Милена Андова. Таа додаде дека од зависност на резултатите општината заедно со јавното комунално претпријатие „Тополка“ ќе утврдат мерки за дополнителна заштита на жителите во селото.
Инаку за Дума оваа тема со состојбата на присуството на бактеријата ешерихија коли во селските водоводи, претежно во новофорираните општини на територијата на поранешната велешка, минатата недела ја отворија докторките, санитарни инспекторки во Велес. Тие како и нивните колешки од Центарот за јавно здравје, кои месечно го следат квалитетот на водата за пиење во Велес и населените места во соседните општини, потенцираа дека оваа бактерија ја има како во водата од природни чешми така и во дел од селските бунари и водоводи.
Според лекарките потребно е превземање на превентивни мерки за заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во населените места како често хлорирање на водоводите, поставување на знаци за забрана за пиење на водата на бунарите и постојано предупредување за граѓаните за задолжително превривање пред да ја пијат.
Од општина Чашка велат дека ги практикувале советите на лекарите и дека имале поставено табли со предупредување за забрането пиење на водата покрај секое изворно место. На прашањето колку редовно се хлорира селскиот водовод во Богомила требаше да одговори директорот на ЈКП „Тополка“ Ѓоре Здравевски кој денеска или не беше достапен или не одговараше на телефонските повици.
Убавка Јаневска