Добра идеја: скопјаните Ѓоргиевски реставрираат селски куќи во Оморани!
Ако случајно Ве одведе патот во селото Оморани, во општина Чашка, тогаш секако среде селската идила ќе ја забележите единствената новоизградена куќа. Веднаш ќе Ве плени со својата убавина како и со името “Ранчо и Ванчо на Ката“ што сопствениците го врежале на парче дрво закачено на надворешниот балкон.
Изградена од природни материјали, камен и дрво, оваа градба ги има зачувано сите обележја на старата македонска селска куќа. Во приземниот дел ќе ве пречека тремот од кој се влегува во пространа одаја и во уште една соба. Првата е кујната, а во неа е зачувано огништето со железниот синџир подготвен да закачи секаков вид на котле за приготување на вкусната традиционална храна. Тука се и шпоретот на дрва, стариот дрвен креденец со традиционалните садови како тави, лонци и прибор за храна, потоа дрвените софи прилепени на камените ѕидови а она што ја надополнува глетката секако се дрвените греди разиграни од подот до таванот. Втората соба е гостинска а до неа е новоизградената бања. Има уште една на катот заедно со трите спални соби. Преку се ова пулсира оваа етно куќа дело на семејството Ѓоргиевски кои дојдоа од Скопје во Оморани со идеја да купат и преадаптираат што поголем број на стари селски куќи.
„ Во срце и душа сум екологист а тоа што сакам да работам како животна мисија е одржливиот развој. Ја прошетав цела Македонија барајќи место во кое ќе можам да живеам во староста. Така патот ме донесе во Оморани каде ме пленија старите градби на традиционалната селска куќа, природата и здравата животна средина. Затоа со сопругот одлучивме да ја купиме оваа куќа и да ја реновираме на начин кој ќе и овозможи да го живее животот кои и бил одреден уште при градбата,“ рече Катерина Стојковска Ѓоргиевска.
Ѓоргиевски веднаш штом станале сопственици на старата селска куќа започнале со реализација на идејата да ја реновираат и притоа во неа да го промовираат одржливиот начин на живот преку традиционалниот стил. Сега нивната куќа е подотвена да ги прими сите почитувачи на селскиот туризам кои нема да останат рамнодушни ниту на пространиот двор и глетката што се открива кон реката Црнушка како и кон планините Бабуна и Мукос.
“ Еве додека седиме овде во дворот ќе ви кажам дека на местото на овој сега летниковец се темелите на старата куќа која тука била изградена пред петстотини години. Значи куќата што ние ја реставриравме е изградена потоа и е стара сто и триесет години. Во дворов, на местото на летната кујна била плевната а од другава страна, под настрешницата на сегашните дивани, биле пондилата за стоката. Се она што како глетка се отвора од тука е природата што во себе ја имаат планините, коритото на реката, подолу од нас водопадите во карпите на самиот влез на селото. Наши први гости се ловџиите од Италија и Грција и верувајте фасцинирани се од се што во себе содржи Оморани,“ рече Стојковска Ѓоргиевска.
Таа и нејзиниот сопруг веќе ги ангажирале соседите околу одржувањето на куќата и дворот. Сите потребни производи за приготвување на храната за гостите ги купуваат од жители во селото а традиционалните специјалитети ги подготвуваат жените од Оморани.
„Имаме прекрасни соседи кои произведуваат вкусно млеко и млечни производи, месо, зеленчук и овошје. Стадата овци и кози се вистинска атракција за нашите гости од странство исто како и магарињата па и останатите домашни животни. Странците се заинтересирани за многу производи кои се одгледани во еколошки чиста средина. Значи тие се потенцијални купувачи на производството на нашите соседи. Се надеваме на поголем број странски и секако домашни туристи“ рече Стојковска Ѓоргиевска.
Затоа Ѓоргиевски купиле уште две стари куќи во Оморани. Се надеваат дека веќе напролет ќе можат да почнат со реставрирање на една од нив. Штом ја завршат ќе инвестираат во третата куќа. Тие и понатаму сметаат на поддршката што ја добиле од општина Чашка која очекуваат дека ќе привлече нови инвеститори кои ќе му го вратат животот на преубавото село, свиено во подножјето на природните убавици Мукос и Бабуна.