Нови оштетувања на спортскиот терен во Дворови, совесни граѓани бараат негово физичко обезбедување и казни за вандалите
Објавено: 11 март, 2026, во 14:46 часот
Три дупки на тартан подлогата на ракометното или игралиштето за мал фудбал направиле несовесни граѓани на спортскиот терен во населбата Дворови. Таму оштетена на повеќе места е и заштитната ограда, украдени се железните затворачи на влезната врата и украдена е една сијалиците од ново поставеното осветлување. Граѓаните кои ја користат атлетската патека секојдневно, денеска, остро реагираа на вандализмот којшто се случува и на не земањето на одговорност на вандалите.



-Да се чудиш како успеаја и сијалица да украдат и за јавна осуда е уништувањето на тартан подлогата. Стопанот на овој спортски објект треба да почне да казнува. Казната да биде за една направена дупка да се постави нова подлога на целиот терен, за едно унишување на оградата да се смени целиот дел. Само казните ќе им го дотераат паметот на тие што нанесуваат штета, рече граѓанин.
– Овде мора да има чувар. Значи физички да се обезбедува спортскиот терен. И не само овој, мора се што се гради и што е убаво, да се сочува. Мислам дека нема друг начин освен казни и физичко присуство, додаде граѓанин.



Овој спортски терен важеше за најубав во Велес а неиздржа без оштетување ниту неколку месеци. Всушност непосредно по неговото пуштање во употреба веднаш беше скршена трамболината во делот за игра и забава на деца. Трамболината ја користеле и возрасни граѓани со тежина неколку пати поголема од детска.


Трета година спортскиот терен во Дворови го користат стотици граѓани од стариот дел на градот. Таму уште од утринските часови трчаат и рекреираат. Така е скоро во текот на целиот ден, затоа што атлетската патека се користи и во попладневните часови во зима.

Единствено во ноќните часови, во сите четири годишни сезони, спортскиот терен е препуштен на младите луѓе за кои граѓани од околните куќи и згради тврдат дека дивеат освен со играње и со викање исто така и со возење на велосипеди, мопеди и мотори на атлетската патека. По тартанот засега не поминале само автомобили.
Убавка Јаневска



