Чадиева: „Надлежните, по допрен глас, да го истражат случајот на градоначалникот Колев за злоупотреба на службена должност со пожарникари и возило на ТТПЕ Велес“ (фото и видео)
„Несериозна и недозволива е случката во зградата на Општина Велес на 13 април, годинава, кога за славење на роденденот на градоначалникот Марко Колев биле ангажирани службено возило на ТППЕ Велес и двајца пожарникари кои со противпожарни скали и преку терасата на Кабинетот му ја предале роденденската торта“, рече на денешната прес конференција претседателката на ОО на СДСМ Велес, Даница Чадиева.
„Значи, пожарникарите ги напуштиле нивните работни места за полтронски да му удоволат на градоначалникот, свесни дека ја загрозиле безбедноста на жителите на Велес доколку во тој период додека се глупирале се случел пожар или некоја друга несреќа за која требало итно да интервенираат. Дополнително во општинската зграда создале паника од вклучените сирени, бидејќи вработените кои не знаеле за што се работи, се исплашиле, претпоставувајќи дека има пожар и дека треба да се евакуираат од општинската зграда. Но тоа не го спречило Марко Колев да излезе на терасата и да ги дува свеќите на роденденската торта, со што на крајно безобразен и недоличен начин повторно ја злоупотребил својата функција. За овој настан, сега во оваа прилика ги повикувам надлежните органи да покренат постапка по допрен глас и да го истражат случајот, бидејќи градоначалникот како работодавач на територијалната противпожарна единица ја злоуптребил својата службена положба на начин што ги ставил во функција противпожарните ресурси за приватни цели и потреби, па постојат елементи и основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба“, додаде Чадиева.
Нарекувајќи ја „партиска“ последната прес конференција на градоначалникот Марко Колев и претседателот на Совет Зоран Љутков, Чадиева соопшти дека на истата биле изнесени бројни невистини и лаги поврзани со нејзина лична и инволвираност на партијата во кочењето на развојот на Велес.
Според Чадиева, градоначалникот Марко Колев се обидувал така да го прикие срамот што по втор пат му биле одземани ингеренции од државни надлежни институции. Прв пат за именување на директор во ССОУ „Димитрија Чуповски“ и втор пат за именување на членови на Управен Одбор во ОЈУДГ„Димче Мирчев“.
„ Според одредбите од Законот за заштита на деца, Министерството за труд и социјална политика надлежно е за вршење надзор врз работата на органите на општината при спроведување на законите и прописите од областа на детската заштита. Според член 201, став 1 и 2 од Законот за заштита на деца, доколку општината не обезбеди извршување на работите кои со закон се утврдени како нејзина надлежност, по сила на истиот закон, на општината и се одзема надлежноста во времетраење најмногу до една година. По неизгласувањето на 26 точка „Разрешување и именување член на Управен одбор на ОЈУДГ„Димче Мирчев“ на 33 та седница одржана на 05 април 2023 година кога двата предложени кандидати не се изгласани од Советот на Општина Велес, министерството има доставено укажување до општина Велес со даден рок од три дена да се именуваат членови во Управен одбор, бидејќи се потребни за нормално функционирање на градинаката. По укажувањето од МТПС, Љутков ја стави точката на 34 та седница, по итна постапка, но повторно не беше донесена одлука бидејќи Љутков со образложение дека има итни и неодложни работи ја прекина седницата на последната точка иако тоа гласање не би одзело повеќе од три минути. Најверојатно за него итна работа е седење во еден познат хотел на велешкото езеро после прекинување на седницата,“додаде Чадиева.
Според неа проблемот со именуваниот директор на ССОУ„Димитрија Чуповски“ од страна на градоначалникот Колев бил во тоа тој немал положено испит за да ја извршува раководната функција а не притисоци на СДСМ.
Чадиева смета дека поплаките на првите луѓе на Општина Велес биле беспредметни притоа набројувајќи ги обезбедените проекти од времето на градоначалникот Аце Коцевски и континуираната финансиската помош на актуелната Влада.
Убавка Јаневска