ЦУК го потврди пожарот кај Долно Оризари а Ангелов соопшти дека ДЗС испрати ер трактор
Објавено: 16 јуни, 2026, во 16:31 часот
Двете државни институции, Центар за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување излегоа со официјални информации за пожарот кај Велес.
Од Центар за управување со кризи потврдија дека денеска, околу 09:50 часот, избувнал пожар на отворен простор во непосредна близина на Казнено-поправната установа Велес – Превалец. „Пожарот првично бил ставен под контрола за кратко време, но околу 13:00 часот, поради засилениот ветер, огнената линија повторно се активирала и се проширила во правец на селото Војница, Општина Чашка. На терен интервенираат екипи на ТППЕ Велес со 10 пожарникари и 3 противпожарни возила, доброволците од ДПД Бабуна, вработени од ЈКП „Тополка“ – Чашка, како и вработени од Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес. Опожарена е површина обрасната со сува трева и нискостеблеста деградирана шума.“ .
Од АМСМ информираат дека околу 14:30 часот, поради зафатениот терен од огнот, сообраќајот на регионалниот пат Р-1312 Велес – село Извор е целосно затворен. Сообраќајот се пренасочува преку селото Горно Оризари.
Директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информира дека на терен е упатен еден ер трактор за гаснење на пожарот од воздух.
Убавка Јаневска


