Делегација на велешката Гимназија беше во посета на сомборската Гимназија (фото)
Ученичките Емили Митревска и Клара Арсовска, училишниот педагог и психолог, Анита Смилевска и Бранка Донева, како и секретарот Десанка Нојкова на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ ја сочинуваа годинава делегацијата која што деновиве престојуваше во Сомбор, Република Србија, по повод прославата на 150 годишнината од постоењето на тамошната Гимназија „Вељко Петрович“. Велешката и сомборската гимназија се долгогодишни соработници на двата збратимени градови.
По срдечниот и пријателски пречек од страна на домаќините, кога претставниците на велешката гимназија предадоа подарок, уметничка слика со мотив од спомен куќата на Кочо Рацин и Сокаче на поезијата во Велес, тие присуствуваа на свечена академија во сомборскиот Народен театар. На академијата се обратија директорот на гимназијата Душан Мишковиќ и заменикот директор Андор Сењ. Потоа српскиот патријарх Порфирије, по повод 150 години постоење и работа, му врачи на средното училиште највисоко одликување на Српската православна црква, Орден „Свети Сава“ од прв ред, за севкупен придонес во образованието и просветата. Исто така, на свеченоста присуствуваа и се обратија министерот за образование на Р. Србија Бранко Ружич, државниот секретар во Министерството за образование на Република Унгарија, Золтан Маружа како и Градоначалникот на Сомбор, Антонио Раткович.По повод јубилејот, училиштето врачи награди , благодарници и признанија на најзаслужни личности во работата и функционирањето на гимназијата.Учениците на драмската секција, тамбурашкиот музички состав и на хорот изведоа пригодна културно уметничка програма посветена на познати личности кои во годините наназад биле ученици на сомборската гимназија. Во холот на градскиот Театар беше отворена изложбата „ Првиот век на Сомборската гимназија“ на авторот Саша Сабадош.
-Ја користиме оваа пригода уште еднаш да го честитаме јубилејот на сомборската Гимназија , со желби за поголема поврзаност и соработка на нашите две училишта и нашите збратимени градови, рече директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, Илија Попов.
Делегацијата на велешката гимназија исто така оствари срдечна средба со преставници на Здружението на Македонци на Западнобачкиот округ „Пела“ чија претседатека др Лилјана Соколова го иницираше збратимувањето на градовите Велес и Сомбор..
Убавка Јаневска