Полицијата откри 38 мигранти на регионалниот пат Гевгелија – Скопје, кај демиркаписките тунели
На регионалниот пат Гевгелија-Скопје, полицијата вчера, во товарно моторно возило марка “Форд Транзит“ во близина на тунелите кај Демир Капија откри 38 мигранти. Триесет и пет од Пакистан и тројца мигранти од Индија. Тие седеле во задниот дел на камионот предвиден за товар кога биле откриени на локација во близина на базата на “Актор“. Мигрантите биле на возраст од 17 до 41 година.
Полицијата го открила товарното возило со кое се превезувале мигрантите кај тунелите во близина на Демир Капија. Камионот имал велешки регистерски ознаки и не запрел на полицискиот знак за застанување туку продолжил да се движи по патот. Полициската патрола се упатила по товарното возило и кога го пронашла тоа било без возач. Тој во меѓувреме избегал. По извршените службени проверки констатирано е дека возилото имало лажни регистарски таблички.
Во разговорот што полицијата го водела со мигрантите дознала дека сите 38 илегално и пешки влегле во Македонија од Грција една ноќ претходно, поточно на 16 април. Ним им помогнале лица кои исто така биле мигранти.
„Откриената група на мигранти била со намера илегално да транзитира преку Македонија и Србија до западноевропските земји за што секој од мигрантите платил по околу 4.000 евра. Набрзо по влезот во Република Македонија, поточно во близина на македонско-грчката граница, се качиле во товарното возило,“ пишува во соопштението на СВР Велес.
Полицијата по откривањето на мигрантите го известила дежурниот јавен обвинител од ОЈО на РМ за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција во Скопје и работи на целосно расчистување на случајот како и на откривање на сите инволвираните лица во нелегалното преминување низ државата./У.Ј