Во Заводот во Демир Капија јавна дебата за процесот на деинституционализација на социјалните услуги
Oпштините во Вардарски регион да се подготват за спроведување на процесот на деинституционализација на социјалните услуги. Процесот подразбира создавање на социјални, здравствени, образовни и други услуги во самите локални заедници за лицата со посебни потреби како тие што се згрижени во Заводот во Демир Капија.
– Оваа државна установа неопходно е да се трансформира, најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Таа потенцира дека процесот не е едноставен, но сите вклучени страни треба да излезат во пресрет на потребите на најранливите сограѓани и да ги почитуваат нивните основни човекови права.
Пред градоначалниците на општините во Вардарски регион беше презентирана нацрт Стратегијата за деинституционализација, во која се дефинирани стратешките столбови на реформата што се состои во трансформација и затворање на институциите, преселба на корисниците во мали групни домови во општините, развој на услуги во општините и заедниците и спречување на идна институционализација.
На средбата присуствуваше и заменик министерот Дејан Павлевски ,експерти, градоначалници и претставници на општините.
Заменик-министерот Павлески потенцирал дека со процесот на децентрализација еден дел од услугите во социјалната сфера се пренесени на локално ниво, па во таа насока деинституционализацијата може да биде продолжение на овој процес во кој корисниците на услугите ќе можат на најдобар начин да ја добијат услугата.
– Министерството за локална самоуправа и во овој процес ќе даде максимална поддршка преку соработката со надлежното министерство и пред сѐ со општините затоа што на крајот она што треба сите заедно да го обезбедиме се подобри услови за живеење на сите граѓани,рече Павлески.
Средбата се одржа како една активност на проектот за „Техничка помош за поддршка на процесот на деинституционализација во социјалниот сектор“, финансиран од Европската унија.
Според најавите од министерството за труд и социјална политика, дебатите за реформата ќе продолжат во наредниот период со одржување на серија регионални средби./А.Д