Доделени наградите на 22 Меѓународен салон на стрип „Велес 2025“ (Видео и фото)

Објавено: 21 август, 2025, во 08:57 часот

Годинешното издание на Меѓународен Салон на стрип, вчеравечер, се одржа во Јуроп Хаус во Велес. На свеченото отворање љубителите на стрип уметноста ги поздравија домаќините и организатори Александра Иванова и Ване Трајков.

На 22 издание на културната манифестација беа доделени првите три традиционални награди „Златен стрип“, наградата за Најдобар македонски стрип, за најдобро сценарио, за најдобар уметнички израз како и за прв пат три специјални награди за млади автори што ги обезбеди Јуроп Хаус Велес.

Добитници на првата награда „Златен стрип“ се сценаристот Марко Стојановиќ, цртачот  Милорад Вицановиќ Маза и колористот Аљоша Томиќ на стрипот „Мрак“. Втората награда „Златен стрип“ ја освоија авторот на сценарио Никола Видачковиќ од Србија и цртачот Игор Јовчевски од Македонија за стрипот „ Back to the past“. Третата награда „Златен стрип“ му  припадна на Далибор Дадо Пехар од Хрватска за комплетното авторство на стрипот “Залогај“.

Годинешни добитници на наградата за Најдобар уметнички израз се сценаристот Марко Стојановиќ од Србија и цртачот Василис Гогтзиалис од Грција за стрипот „Души“  и за најдобро сценарио наградата ја доби стрипот„Проклета авлија“ на Марко Стојановиќ од Србија.

Марко Стојановиќ е стрип уметник кој го следи развојот на македонскиот стрип од неговите почетоци. Како еден од добитниците на годинешната прва награда и стрип уметник којшто ќе биде ментор на учесниците на Стрип колонијата со која што продолжуваат деновите на стрип уметност во Македонија, во Нежилово, за Дума.мк рече:

Посетителите на 22 Меѓународен Салон на стрип, вчера вечер, во Јуроп Хаус констатираа дека овој вид на уметност има иднина откако голем број на добитници на награди беа млади автори. Некој од нив за прв пат испратиле стрип дело на годинешниот Конкурс токму на оваа културна манифестација. Младата авторка од Велес, Тамара Николова е една од нив. Таа има само 14 години, го создала стрипот „Strum“ и освои една од трите награди за млади автори што за прв пат ја додели Јуроп хаус Велес.

Добитници на преостанатите две награди се стрипот „Родна Ивева – не умре од куршум туку од предавство“ на авторите Меланија Стојанова и Анџело Џипунов од Велес како и „Тешки времиња“ на авторот Александар Танчовски од Скопје.

За најмлад учесник беше награден седум годишниот Марко Купенков од Скопје за стрипот „Фудбал со изненадување“ и наградата за најдобар дебитантски стрип ја освои Ања Стојадинова од Куманово за стрипот „Само фантазија“.

За најдобри во категоријата на стрип автори до 14 годишна возраст беа наградени Теона Чаловска од Битола и Вук Стојановиќ од Лесковац, Србија додека диплома за стрип во оваа категорија доби Христина Здравковски од Велес.

Во категоријата до 18 годишна возраст беше наградена Магдалена Марјановиќ од Ресен а добитничка на диплома е Андреа Младеновска.

Годинава, во конкуренција за награди пристигнаа рекордни 396 стрипа од 13 земји.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.