Две тепачки во еден ден во Велес: Интервенираше полицијата, приведени повеќе лица

Објавено на 26 јуни, 2025 во 12:47

Во два одделни инциденти што се случија на 25 јуни 2025 година во Велес, полициските службеници од Секторот за внатрешни работи Велес привеле четири лица поради нарушување на јавниот ред и мир, закани и физичка пресметка со употреба на предмети.

Првиот случај бил пријавен околу 17:50 часот, кога Т.И. (66) од Велес бил лишен од слобода по пријава на Б.П. (36), исто така од Велес. Според пријавата, додека Б.П. бил во семејниот двор, Т.И. најпрво со тврд предмет упатувал закани кон него и неговото семејство, а потоа продолжил со закани и кон нивниот сосед Љ.Ј. По интервенција на полицијата, Т.И. бил приведен и задржан во полициска станица. За случајот е известен јавен обвинител, а по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вториот инцидент се случил рано утрото, во 04:10 часот, на улицата „Андон Шурков“ во Велес. Полицијата ги привела О.М. (38) од село Бузалково, З.Џ. (55) од село Согле, општина Чашка, и Х.Б. (49) од Велес, откако се впуштиле во меѓусебна физичка пресметка. Во тепачката биле користени метални, дрвени и остри предмети, при што О.М. и З.Џ. се судриле од една страна со Х.Б. од другата. И за овој настан е известен јавен обвинител, а по целосното документирање ќе следуваат соодветни пријави.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.