„Еко креатори“ ја разбуди хуманоста кај велешани – висок одзив на акцијата за донирање облека

Објавено: 14 мај, 2026, во 15:06 часот

Граѓани, ученици и млади од Велес уште еднаш покажаа дека хуманоста и грижата за животната средина се вредна човечка одлика. Сите со голем интерес и позитивна енергија, се вклучија во акцијата „Еко креатори“, организирана од Младински центар Велес.

Вчера 13 и денеска 14 мај, просторија 2 на Младински центар, беше исполнета со донации од облека и обувки кои граѓаните повеќе не ги користат и подготвено ги предадоа за повторна употреба. Донаторите со голема грижа и одговорност ги носеа донациите уредно спакувани и распоредени, покажувајќи високо ниво на еколошка култура и хуманост.

Младинскиот работник Стефани Манева вели  дека е задоволна од интересот и одзивот на граѓаните.

„Задоволни сме од одзивот на акцијата. Граѓаните навистина одговорно ги носат облеката и обувките – чисти, средени и подготвени за оние на кои им се најпотребни. Очекуваме донации и во наредните денови, бидејќи дел од граѓаните веќе се најавија дека дополнително ќе се вклучат“, додаде Манева.

По завршувањето на акцијата, следува процес на селекција и сортирање на донираната облека според големина, пол и потреби, по што донациите ќе бидат доставени до семејства и лица од социјално ранливи категории.

Со ваквите иницијативи, младите и граѓаните уште еднаш покажаа дека малите хумани дела можат да создадат големи позитивни промени во локалната заедница за заштита на животната средина.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.